Конечно му дојде редот на овој прекрасен рецепт за кој одамна се токмам да го споделам!

Овој рецепт го добив сосема случајно од мојата драга пријателка Марија во една прилика кога сакав да приготвам нешто невообичаено за едни посебни и многу драги гости. Според кажувањата на оние од кои таа го добила, рецептот потекнува од француската кујна.

Подготовката е прилично едноставна:
1. Во тенџере ставете да се свари леќата заедно со кромидот, лукот, морковот и пиперката (зеленчукот го ставаме цел не го сецкаме за да може лесно да го извадиме подоцна). Ставете бибер по вкус (ако го сакате биберот ставете слободно малку повеќе) и мелен ким, а мој совет е солта да ја ставите на крајот на варењето бидејќи леќата побрзо и поубаво ќе се свари.
2. Додека се вари леќата со зеленчукот, модрите патлиџани исечете ги на подебелки ленти и наредете ги на хартија во плех да се потпечат. Одозгора само напрскајте ги со маслиново масло, малку сол и бибер. Убаво е да добијат малку боја (да заруменат). Јас ја загревам рерната на околу 200-220 степени со вклучен вентилатор и прилично брзо се готови. Да напоменам дека сите мерки во рецептов се „од прилика“ и може да си ги прилагодувате според потребите.
3. Извадете го зеленчукот кој се вареше заедно со леќата и изблендирајте го. Во тенџере на оган ставете ја леќата, исцедена од водата и додајте ги изблендираните зеленчуци. Додадете салца (или доматно пире) и малку маслиново масло и проварете сè заедно да испари водата од салцата.
4. Бешамелот подгответе го на вообичаениот начин: Растопете парче путер, додајте му го брашното и кратко пропржете го да добие само малку боја, додајте го млекото при тоа константно мешајќи, за да не се направат грутки.
5. Во подлабоко тавче наредете на дното слој од модри патлиџани, па одозгора истурете ја смесата со леќата, па повторно наредете слој од модар патлиџан. Оригиналниот рецепт вели прво 20-тина минути да се потпече, па да се прелие со бешамел, но јас си го поедноставив и бешамелот веднаш го ставав – два пати го правев и двата пати одлично излезе. Вие одберете како сакате.
6. Печете додека не се потпече бешамелот и да добие малку заруменета боја одозгора. Јас наросив бибер одозгора, а може ако сакате 5 минути пред да биде готово да му изрендате и кашкавал одозгора и да го оставите да се растопи и потпече. Мене ми беше потребно околу 40тина минути за убаво да се потпече. Оставете да се излади барем 15 минути пред да го служите (впрочем исто како и за секоја лазања), за да може да го исечете на коцки кои убаво ќе се вадат без да се распаднат.

Совет плус: За наједноставно да го подготвите овој рецепт, ви препорачувам од вечерта да си ги подготвите модрите патлиџани, да ја ставите леќата со зеленчукот да се вари со вода (околу 2-3 прста над зеленчукот) варете само околу половина час и оставете преку ноќ во прекриениот сад да ја апсорбира целата вода. Следниот ден ви е потребно околу 15 минути за да подготвите сè и веднаш ставате да се пече.
Пробајте и нема да зажалите – дури и оние кои не се баш обожаватели на леќа кај мене го бендисаа овој рецепт.Верувајте дека вкусот е сосем различен од оној на манџата со леќа.

Добар апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови