Ова е мој предлог за ручек, гулаш подготвен на малку поинаков начин. Вкусот за мене е перфектен, месото е меко, се топи... Подготовката започнете ја еден ден порано, бидејќи месото треба подолго да одлежи во маринадата.

Телешкото месо исечкајте го на коцки со средна големина, ставете го во длабок сад со капак, налејте го пивото, ставете ги листовите ловор и чешнињата лук претходно потиснати малку со ножот. Затворете го садот со капак и ставете во фрижидер до наредниот ден.
Рерната вклучете ја да се загрева на 160 степени.
Месото исцедете го од маринадата, а маринадата тргнете ја страна, ќе ви треба подоцна.
Коцките месо убаво исушете ги со кујнска хартија па извалкајте ги во брашно, при тоа вишокот на брашно истресете го од нив. Во пекачот во кој ќе печите, ставете масло да се загрее на највисока температура. Ставете го месото во порции, на неколку пати да се пржи. При тоа по потреба додавајте зејтин. Пржете околу минута до две при тоа промешувајќи за месото да се испржи од сите страни. Извадете и тргнете на страна. Ќе приметите дека дел од брашното ќе се залепи на дното од пекачот, не го гребете, оставете го, подоцна при варењето тоа само ќе се раствори и му дава на јадењето посебен шмек.
Во истиот зејтин ставете ја сега панцетата да се пржи но намелете ја температурата на средна. Пржете некои 6-7 минути. Извадете на страна.
Ставете го сега зеленчукот да се пржи околу 10-туна минути со повремено промешување. Кога убаво ќе омекне додадете го доматното пире, пропржете, ставете го месото и панцетата, додадете ја и маринадата. Оставете да зоврие па налејте го и говедскиот бујон. Ставете ги зачините и оставете да зоврие, повремено промешувајте. Пробајте на вкус за сол, и по потреба досолете. Поклопете со капак и ставете да се пече 2 часа. После еден час тргнете го капакот, промешајте (ќе приметите дека брашното на дното се растопило) и оставете така да се допече.
Кога е готово, наросете одозгора со сечкан магдонос.

Во Белгија се служи со помфрите, а мене најмногу ми се допаѓа во комбинација со варени компири или тестенини.
Добар апетит!