За овој 200 јубилеј ,решив да ве почестам со оваа кремаста и сочна торта. Можеби и не е точно 200 рецепт (го изгубивме точниот број после бришењето на рецептите), ама важна е дружбата со сите вас овде. Рецептите и љубовта кон храната, што овде се споделува не полни со позитивна енергија секој од нас што сме присутни овде секојдневно. Еве го и рецептот ако решите да ја приготвите тортата за било која прилика.
1. За корите се матат 12 белки со 10 лажици шеќер во цврст снег. Се додаваат и двете жолчки и пак се мати. Кон ова се додаваат 200 грама мелени лешници и 1/2 пециво. Смесата се дели на 2 дела и се става во 2 округли тавички (број 26). Претходно тавите ги обложуваме со хартија за печење. Корите се печат на 180 степени 25 минути.
2. Додека се ладат корите го приготвуваме филот. Се матат 10 жолчки со 10 лажици шеќер во пенаста маса. Продолжуваме со матењето на пареа. Откако смесата ќе се згусне, се додава 200 грама чоколада за готвење и мешаме со лажица сеуште на пареа. Мешаме 50 грама капучино во прав со 3 лажици топла вода и ова постепено го додаваме во кремот.
3. Еден маргарин се мати со миксер во пенаста бела смеса. Откако ќе олади кремот, му се додава изматениот маргарин и се мати со миксер додека да се изедначи филот.
4. Две шлаг креми ги матиме со 220 милилитри млеко.
5 .Оладените кори ги попрскуваме со направено капучино од 150 милилтри вода и 100 гр капучино во прав.
6. Ставаме кора, ставаме половина од шлаг кремот, ставаме фил, пак кора, пак шлаг крем, повторно фил.
7. За украсување на тортата матиме 400 милитри слатка павлака-хопла. Со неа ја премачкуваме целата торта.
8. 100 милитри слатка павлака со 50 грама млечна чоколада ставаме во микробранова печка на кратко, ја вадиме и мешаме со лажица додека се добие чоколадна компактна крема. Со неа од страните ја прелеваме тортата. Оставаме во фрижидер да одстои неколку часа и потоа може да се служи.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови