Превкусен и богат чизкејк со вкус на кафе и темно чоколадо.

1. Мелените орео колачиња ги мешаме со растопениот путер и ги натапкуваме во калап за чизкејк (24цм), внимателно обложен со неколку слоја алиминиумска фолија од надворешна страна.
2. 450г крем сирење го матиме со 80г шеќер, па додаваме 2 јајца, 60г кисела павлака, 120 маскарпоне и 1 лажичка инстант кафе, растворено во 30мл калуа ликер. Вака подготвениот фил го истураме врз основата. Во поголем сад истураме жешка вода и обложениот калап за чизкејк го ставаме во водата. Вака подготвена тортата ја печеме во загреана рерна на 160 степени, 60-70 минути. Откако ќе се испече се остава 1 час да се олади.
3. Матиме 250 мл слатка павлака. Во посебен сад матиме 120г маскарпоне, 200мл кондензирано млеко и 50г растопено чоколадо. Во помал огноотпорен сад мешаме 30мл еспресо, 2-3 лажици калуа ликер и 2 лажички желатин. Загреваме во микро, додека желатинот целосно не се растопи. Оставаме да се олади 5 минути, па ја додаваме смесата во филот со маскарпоне и кондензирано млеко. Мешаме убаво, па ја додаваме и изматената слатка павлака. Вака подготвениот фил го додаваме врз оладениот чизкејк. Оставаме во фрижидер најмалку половина час.
4. За последниот слој матиме 60г крем сирење со 100г стопено чоколадо, 2-3 лажици кондензирано млеко и 30мл калуа ликер. На крај додаваме 400 слатка павлака и матиме убаво. Добиениот крем со помош на шприц, за декорирање, го додаваме во калапот. Може да се нанесе и со лажица и да се израмни убаво наместо да се користи шприц.
5. Поросуваме со малку какао и оставаме во фрижидер преку ноќ.

Импресивен десерт, и на изглед и на вкус. На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани