За разлика од останатите алви кои ги спремаме со гриз и се меки, измирската алва е тврда и потешка на вкус.
Одличен рецепт за да се заблажите во овие денови на Петровденскиот пост, но и за понатака.

Во подлабок сад, на тивок оган, ставаме 8 лажици шеќер да се карамелизираат постепено, без мешање или со благо наклонување на садот.
Ако мешате со лажица можно е да се формираат цврсти кристали кои потоа не можат да се растопат.

Откако се растопил шеќерот, го ставаме зејтинот, па промешуваме за да се загрее. Ќе забележите дека состојките не се измешуваат помеѓу себе, но тоа не е ни потребно.

Потоа садот ЗАДОЛЖИТЕЛНО покријте го со капак и со помош на ѓезве, полека низ мало отворче, додавајте ја топлата вода. Смесата ќе почне да прска, па затоа веднаш покријте го садот и оставете да се смири.

Следно е додавањето на шеќерот и на какаото. Ставете ги и мешајте постојано за да се стопат и сосема и смесата да биде добро хомогенизирана.

Ставете ги исецканите ореви, промешајте повторно и продолжете со додавање на брашното, во неколку серии. Можно е да не ви се потребни сите 30 лажици или пак ако ги ставите сите и сте добиле прецврста смеса, додадете малку масло.

На крај смесата што ќе ја добиете треба да биде поцврста, тешко да се меша и со груба текстура. Едноставно се распаѓа на помали делчиња и ќе треба дури е се уште топла да ја натапкате во намастено тавче и веднаш да ја исечете како што сакате.

На сликите може да забележите дека кај мене е во не правилни форми. Ја сечев на надолжни ленти, па откако се олади ги кршев парчињата.

Нека ви е на здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани