Почитувани, еве стигнав до мојот трет јубилеј на кој сум особено горда. За две години колку што сум присутна тука научив многу нови вештини од сите вас кои несебично споделувате тука не само рецепти туку и одлични совети.Да се заблагодарам и на тимот на Мои Рецепти кои секогаш се тука на одличен начин да не мотивираат и да го валоризираат нашиот труд.
За мојот јубилеј се одлучив за оваа прекрасна торта која на прв поглед ме плени по својот состав. Не погрешив бидејќи испада токму како што очекував, сочна и ароматична.

1. Прво го подготвуваме бисквитот. Ги двоиме белките од жолчките и со прстофат сол ги матиме белките до сјаен снег. Постепено го додаваме шеќерот и ванилиниот шеќер не престанувајќи со матењето. Потоа ги додаваме жолчките една по една. На крај ги мешаме заедно мелените ореви, брашното и печивото и лажица по лажица додаваме кај јајцата и притоа нежно мешаме со шпатула. Бисквитот го печеме во калап со обрач со големина од 18 цм. Печеме на 180 Ц половина час(најдобро да проверите со стапче за ражнич, бидејќи бисквитот е прилчно висок, околу 7 цм). Печениот бисквит внимателно го сечеме на три дела(два пати сечеме и добиваме три дела)

2. Крем
Млекото, шеќерот и кората од портокал ги ставаме во сад на оган додека провријат. Во меѓувреме пудингот од ванила и густинот ги раствораме во сок од портокал. Смесата ја додаваме во млекото и убаво мешаме додека да добиеме крем. Вадиме од оган го додаваме путерот (мешаме додека се стопи)и оставаме малку да се олади. Во млакиот крем го додаваме маскарпонето и матиме со миксер до изедначување. На крај ги додаваме мелените ореви и плазма.

3. Редење
Прво земаме една кора од бисквитот и со лажица насекаде ја полеваме со преливот од портокал и рум. Ставаме една третина од кремот, ја ставме втората кора ја полеваме со преливот па една третина од филот и ја повторуваме постапката со третата кора. Со преостанатиот крем ја мачкаме целата торта. Декорираме според вкусот.

На здравје

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови