Кога си се уште во изолација и немаш готвено неколку недели и одеднаш добиваш сила и апетит да си направиш нешто, тогаш производот е овој. Ме фати носталгија за гиро и од 12 часот почнав, а во 2 веќе ручавме. Лепчињата, месото, компирите и сосот за премачкување - сите јас ги направив. Количината е доволна за 6 гира, а гирото е прсти да лижеш, превкусно. Да не должам многу, ќе преминам на рецептот зашто имам многу за пишување.

1. Прво се припрема месото. Ви треба околу 500 г свински врат сечен на парчиња. Парчињата сите извалкајте ги во сенф и сос за скара и потоа зачинете ги со зеленчуков зачин. Оставете ги да поседат неколку часа вака маринирани, а ако немате време, барем половина час. Потоа ставете ги во тавче, додадете половина шола вода и малку масло одозгора, покријте ја тавата со фолија и ставете на максимална температура да се печат во рерна околу 40 минути, потоа намалете ја температурата на 200 степени, превртете ги и оставете да се допечат уште 40тина минути. Додека ви се пече месото, припремете го тестото за лепчињата.

2. Замесете го тестото и оставете го 30 мин да одмори. Потоа поделете го на 6 топчиња, исукајте тркалезна кора од секое топче и ставете да се печат на неподмачкано тавче на средна температура како што печете палачинки. Вадете ги едно врз друго покриени со фолија за дополнително да омекнат. После печење може да ги премачкувате со малку путер, јас не ги премачкав зашто путерот има доста доминантна арома.

3. За компирите, може да користите и замрзнати компири, мене 4 компири ми беа доволно, лупени, сечкани и ги испржив. Пржењето на компирите го правев истовремено со печењето на лепчињата, а месото си крчкаше в рерна.

4. Ѕаѕикито со прави со мешање на сите состојки.

Откако ќе ви биде се готово, земате едно лепче, го премачкувате со ѕаѕики, додавате од зеленчукот, исечканото месо на мали парчиња и компири, го завиткувате и прицврстувате со чечкалица.

На здравје

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови