Морам да напоменам дека јајцата мора да бидат на собна температура, а што се однесува до брашното, јас го просејувам само еднаш. Исто, да напоменам дека оваа количина е многу голема, за 2 големи плеха од рерна, односно 6 плетенки. Јас правев со 1/3 од сите состојки.

Сами сме дома, па немам потреба од толку многу козињак. Добив две совршени плетенки.
Во текстот подолу, ќе пишувам како се работи со цела количина на состојки.
Нека не ве обесхрабрува текстот, состојките само поделете ги на половина и подгответе ја оваа убавина.

1. Натопете суво грозје во сок од еден лимон и една лажица масло. Пожелно е да се натопат најмалку 5-6 часа .

2. Растворете квасец во 300 мл топло млеко, со една лажица масло, шеќер и 6 лажици брашно. Оставете да стаса 10-15 минути на топло.

3. Во меѓувреме, се мешаат 8 јајца со преостанатиот шеќер и млеко, рендана кора од лимон и сол.

4. Во длабок сад, се просејува 1 кг брашно (никогаш не ставајте ја целата количина брашно одеднаш, но постепено додавајте, бидејќи секое брашно е различно). Се прави бунар во средина и се истураат добро скршените јајца со шеќер и веќе ферментиран квасец. Користете дрвена лажица, започнете со мешање, постепено додавајќи просеано брашно. Штом тестото стане доволно густо и мешањето со лажицата почнува да отежнува, префрлете го на набрашнета површина, посипете со просеано брашно и измесете го рачно.
5. За време на месењето, се додава половина од стопениот путер. Ги топиме рацете во путерот и месиме. 
Самото тесто треба да биде меко и многу малку лепливо. Тестото се покрива со фолија и крпа и се остава да стаса еден час. Ако ви е тешко да го месите тестото, бидејќи тоа е доста голема количина и бара повеќе напор, можете да го поделите на две половини и да месите одделно.

6. Следува второ месење.
Се постапува на ист начин. Рацете се потопуваат во преостанатиот растопен путер и се меси тестото. Повторно, се остава на топло, покриено со крпа 1-2 часа. Самото тесто треба да се дуплира во волумен.

7. Се подмачкуваат тавите со масло во кои се ставаат велигденските плетенки за печење. Ако правите големи велигденски плетенки , тестото се дели на три еднакви делови, од кои, секое исто се дели на три дела.

8. Секое парче се истегнува во фитил и потоа се притиска со дланките за да се израмни. Одозгора наредете суво грозје, брусница и сл. Вака постапуваме со другите две парчиња.
9. Откако сите три фитили се подготвени, се плетат и се ставаат во сад за печење. На ист начин со парчињата за другите две велигденски плетенки. Ако одлучите да направите помали велигденски плетенки, поделете го тестото на 6, а потоа секое парче на 3.

10. Повторно се креваат за да се зголеми нивниот волумен, се премачкуваат со изматено јајце, се посипуваат со гранули шеќер, исечени бадеми и суво грозје по желба. Печете во загреана рерна на 160 степени 25-35 минути.
Овде повторно ќе додадам дека е добро да ги гледате, поради разликите на секоја рерна.
Ако случајно почнат да горат одозгора и сè уште не се испечени, покријте ги со алуминиумска фолија.
Мешањето двапати со путер е задолжителен услов за прекрасниот изглед на велигденските плетенки.
За многу години Велигден.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани