Мене ова ми е многу интересна изведба на виткање на кифлички и со драга волја ви ја претставувам. Декоративни и особено меки. Полнењето може да ви биде по желба. Јас се одлучив на оваа збогатена верзија на полнење.

1. Сите состојки за тестото ги ставаме во сад и го замесуваме со млако млеко. Оставаме да стаса, да се дуплира.
2. Го размесуваме и повторно го ставаме да стаса.
3. Откако по втор пат ќе стаса, ја префрламе топката од тесто на набрашнета површина и го разлекуваме со сукало (не го размесуваме), да биде со дебелина од 8-10 мм. Сечеме квадратчиња. Со нож или ножето за пица, засекуваме по две линии на двете страни од квадратот. Ставаме по парче моцарела и парче од вратот.
4. Го свиткуваме квадратот по 1 см од страните и го виткаме парчето како кифличка. Ги редиме во намаслено тавче или пак на хартија за печење.
5. Откако сите кифли ќе ни бидат подготвени, свиткани и ставени во тавче, тогаш ја вклучуваме рерната на 230 степени. Додека да се загрее рерната тие треба да стасуваат.
6. Пред да ги ставиме во рерна, ги премачкуваме со изматеното јајце, а откако ќе се испечат ги премачкуваме веднаш со масло.

Забелешка
Не знам дали убаво ви објаснив во врска со виткањето на кифливе, ама има и дополнителни фотографии, па верувам дека ќе се снајдете.
Оставете простор помеѓу кифличките, затоа што убаво стасуваат.
Можете да ги направите и со друго полнење, ама поради полнењето и пармезанот во тестото го добија името.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани