Во мојот крај, вареното бело гравче го јадеме комбинирано со маслинки, па така, инспирирана од минатото, лесно беше да се роди оваа прекрасно јадење, кое традиционално се подготвува деновиве.

Гравот секогаш го варам на ист начин, а киснењето не е исклучено, како сакате.
Првата вода секогаш ја фрлам, додавам врела вода, но и се друго одеднаш, кромидот и пиперките исечени ситно, сувата пиперка издробена, а убаво е да има зејтин повеќе.
Старите велат за убав грав потребно е повеќе кромид и зејтин, а јас велам и пиперки, тогаш мириса прекрасно. Се вари на тивко, од кромидот и пиперките се добива одлична густина, нема потреба од никакви запршки со брашно на овој начин.
Многу е важно да не се превари, затоа некои луѓе не го сакаат, јаглените хидрати се распаѓаат и тогаш добива лош мирис.
Најдобро е 20 минути пред да биде сварен, да се подготви за тавче гравче.
Додадете зачини по желба, сол, сушен зеленчук, црн бибер…

Прво наредете ги зрната во тавче за печење, може и мали тавчиња, а потоа одозгора ставете од течноста. Исечени кругчиња праз и исчистени маслинки наредете најодозгора, но може и да промешате. Повторно ставете малку црн бибер и врел зејтин одозгора.
Се пече на 200, убаво е да не се исуши многу,  да остане сочен. Уште во рерната почнува да се прави коричка одозгора, а кога ќе го извадите уште повеќе, тоа значи ќе биде превкусно тавчето.
Добар апетит !

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови