Започнете го ова јадење со подготовка на пилешкото месо. Убаво измијте го и оставете го да се исцеди. Ставете го во подлабок сад и додадете лажичка свеж рендан ѓумбир, малку ким, сол и бибер. Оставете го да се маринира најмалку еден час.

Покрупно исечкајте ги кромидот и лукот и ставете ги да се пропржат со 3 – 4 лажици маслиново масло на средно тивок оган.

Штом малку омекнат додадете лажичка цимет, лажичка сув шафран, лажичка свеж рендан ѓумбир, малку ким, сол и бибер и промешајте.

Оставете кратко да продинста, а во меѓувреме исцедете два портокала и два лимона, а еден портокал и еден лимон исечете на кришки.

Наредете го маринираното пилешко во тавчето благо притискајќи барем малку да навлезе во продинстаната мешавина од кромид и лук. Прелијте го со исцедените портокал и лимон и оставете го да крчка 20тина минути на тивок оган.

Наросете го месото со малку црвена мелена пиперка и ставете го во претходно загреана рерна на 200 степени, 10тина минути да се запече од горе и да добие убава румена и крцкава кора потоа извадете го, брзо наредете ги кришките портокал и лимон и маслинките и вратете го во рерна уште 5 – 6 минути и тие да се запечат од горе.

Послужете го со пире од компир и уживајте.

На здравје.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови