Овие мерки се за калапче од 20см. (јас користам онакво на кое му се вадат страните).
За тестото
Се меша маргаринот исечкан на коцки заедно со брашното, шеќерот, содата и водата - прво малку со вилушка, па со рака убаво да се измеси рамномерно тесто (2 минути). Тестото се остава во фрижидер 30 минути (ама и не мора ако ви се брза =). Потоа, на подмачкано калапче, отприлика 1/3 ставате на дното на калапчето, 1/3 странично. Тестото само се натапкува, со дебелина од 4-5 милиметри. Без проблем може да пополните некое дупче ако се појави =)
Ставете го потоа овошјето, па врз него шеќерот (и останатите состојки кои ќе ги додавате) и врз него капакот од останатата 1/3 тесто.
Капакот го правам во рака, да се истенчи и оформи, па после го покривам малку со страничното тесто. На средината правам неколку дупчиња со чепкалка или нож за да може да испарува вишокот течност.
Се пече 30-35 мин во загреана рерна на 150С.
Кога ќе биде готова, веднаш се попрскува со шеќер во прав - но оставете неколку минути да се подизлади за да ја извадите од калапчето.

Фил од шумско овошје
Ако го правите со смрзнато овошје, треба да е добро одмрзнато. Ако го правите со свежо исечкајте, на пример, ако има некоја ептен голема јагода =), инаку цело се става. Јас сум ја правела со секакво смрзнато овошје, па и со мешано...а богами сега и со свежи јагоди и тогаш е уште поубава.

Фил од јаболки
Се сечкаат лупените јаболки на коцки, во нив се меша циметот, сок и кора од 1 портокал. Кога ќе се стави врз тестото, се додава шеќерот.

- Шеќерот што ќе го ставите врз овошјето - може да додадете уште една лажица ако сакате поблаго или овошјето е многу кисело, но не повеќе.
- Во тестото за питата може да ставите 1 лажичка екстракт од Ванила, па и во самото овошје може да додадете ванила и други зачини по желба.

Овој рецепт го видов на ситносецкано, но толку многу пати го имам направено, па веќе си го сметам за мој =))))) Супер е што е посен, идеален за време на пости, но и за оние што не јадат јајца. Син ми ја вика питата на Снежана и седумте џуџиња =)

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови