Испечати

Лимон

Лимон

Состојки

    Хранливи вредности на лимонот:

    Сочниот, кисел и многу вкусен лимон е најраспространетото цитрусно овошје во светот. Лимонот е најмалото цитрусно овошје, а сепак содржи многу повеќе хранливи материи корисни за здравјето, отколку портокалот, помелото итн.

    Ботанички, ова овошје спаѓа во фамилијата rutaceae, од родот citrus (во кој уште спаѓаат и портокалот, помелото, мандарината и грејпфрутот) Научното име му е citrus limon.

    Се смета дека лимонот потекнува од подножјето на Хималаите, од ридовите во Североисточна Индија, од каде што се распространил низ Блискиот Исток, Европа, Африка и Америка. Денес, лимонот е најконзумираното овошје во светот.

    Како и другите цитрусни растенија, лимоните се мали, разгранети, зелени дрвја кои растат до нешто преку 3 метри во височина, во најголем дел од плантажите каде што се одгледуваат. Успеваат во умерени и тропски климатски услови, додека студот и мразот значително влијае врз намалувањето на растот. Стеблата обично се наорожуани со дебели и остри трња. Целосно израснатото растение дава миризливи, бели цветови во куси низи.

    Овошјата кои спаѓаат во цитрусната група се опишуваат како „хесперидиум“ (хесперидиум е научен термин кој ја објаснува структурата на овошјето од цитрусната група). Всушност, овие овошја се модифицирани дудинки со цврста и дебела лушпа. Лушпата од лимонот содржи голем број нестабилни маслени жлезди во дупчињата. Внатрешно, месото е составено од сегменти наречени карпели, кои се составени од голем број везикули полни со сок, кои всушност се специјализирани влакнести клетки. Зрелите плодови имаат дијаметар од 5 до 8 сантиметри и тежат од 50 до 80 грама.

    Здравствени придобивки од лимонот:

    • Лимонот е преполн со бројни хралниви материи кои се корисни за здравјето. Плодот има ниска калорична вредност (само 29 калории во 100 грама), една од најниските во цитрусната група.
    • Не содржи заситени масти или холестерол, но е богат со растителни влакна (7,36 проценти од дневно препорачаната доза).
    • Киселиот вкус се должи на цитрусната киселина. Лимонот содржи до 8 проценти цитрусна киселина. Цитрусната киселина е природен конзерванс и ја помага дигестијата. Научните студии открија дека цитрусната киселина помага во разложувањето на камењата во бубрезите.
    • Лимонот, како и другите цитрусни овошја, е одличен извор на аскорбична киселина (обезбедува околу 88 проценти од дневно препорачаната доза). Аскорбичната киселина или витамин Ц, е моќен антиоксиданс растворлив во вода. Овој витамин помага во спречувањето на скорбут. Покрај тоа, конзумирањето храна богата со витамин Ц му помага на телото да развие отпорност кон инфективните агенси и да ги собере штетните, воспалителни слободни радикали од крвта.
    • Лимонот, како и портокалот, содржи цела лепеза на фитохемикалии. Хесперетин и нарингенин се флавоноидни гликосиди кои можат да се најдат во цитрусните овошја. Нарингенинот има биоактивни ефекти на човечкото здравје, како антиоксиданс, собирач на слободните радикали; има антивоспалителни својства и служи како системски модулатор на имунолошкиот систем. Се покажало дека оваа супстанца ги намалува повредите настанати како последица на оксидација на ДНК во клетките, во ин-витро студиите.
    • Исто така, лимонот содржи мала количина витамин А, а нуди и флавоноидни антиоксиданси, како што се: бета-каротините, бета-криптоксантин, зеаксантин и лутеин. Утврдено е дека сите овие соединенија имаат антиоксидантски својства. Витаминот А исто така е потребен за одржување на здравјето на слузокожата и кожата и е клучен за добриот вид. Конзумирањето на овошје природно богато со флавоноиди му помага на телото во заштитата од рак на белите дробови и усната празнина.
    • Тоталната ORAC вредност (апсорпциски капацитет за оксигенски радикали), кој ја мери антиоксидантската јачина на 100 грама свежо овошје, кај лимонот е 1225 µmol TE (еквивалент на Тролокс).
    • Лимонот е добар извор на витамини од Б-комплексот, како што се: пантотенска киселина, пиридоксин и фолати. Овие витамини се есенцијални, во таа смисла што телото мора да ги добие од надворешни извори за да ги надополни залихите.
    • Лимонот содржи и здрава количина на минерали, како што се: железо, бакар, калиум и калциум. Калиумот е важна состојка на клеточните и телесните течности и помага во регулацијата на работата на срцето и крвниот притисок.

    Цитрусните овошја, како такви, одамна се сметаат за исклучително вредни поради нивните изразени хранливи и антиоксидантски својства. Научно е докажано дека цитрусното овошје, особено лимонот и портокалот, поради богатството на витамини и минерали, имаат позитивно влијание врз здравјето. Дополнително, сега започнуваат да се ценат и другите, биолошки активни, нехранливи материи присутни во цитрусните овошја, како што се фито-хемиските антиоксиданси, растворливите и нерастворливите растителни влакна, за кои е докажано дека го намалуваат ризикот од појава на рак, голем број хронични болести, како артритис, а го намалуваат и ризикот од заболување на срцевите артерии и прекумерна телесна тежина.

    Избор и складирање:

    Главната сезона на лимонот трае од април до август, но лимоните се достапни во продавниците во текот на целата година. Избирајте големи, подуени, цврсти лимони кои се тешки за нивната големина. Барајте ги плодовите со сјајна жолта боја кои оддаваат свежа цитрусна арома кога нежно ќе поминете по лушпата со прст.

    Избегнувајте ги лимоните со темно зелена боја, затоа што не се зрели и нема да бидат доволно сочни. Исто така, избегнувајте ги оние со темни точки на лушпата, претерано меките или сунѓерести лимони, бидејќи бргу се расипуваат.

    Штом ќе стигнете дома, ставете ги во најлонска ќеса и складирајте ги во фрижидер, каде што ќе останат свежи и до една недела. Свежо исцедениот сок од лимон складирајте го во замрзнувач, за подоцнежна употреба. Сувата кора од лимон складирајте ја во темно и суво месо, во херметички затворен сад без влага.

    Употреба во кујната:

    Измијте ги лимоните непосредно пред употреба. Нежно истријте ги доколку Ви е потребна кората за приготвување на некој рецепт. Најчесто, плодот се пресекува на две еднакви половини за полесно цедење на сокот. Алтернативно, може да се сече на кришки, за гарнирање на јадења.

    И плодот и сокот се едни од најбараните состојки во најразлични кујни во светот.

    Совети за приготвување:

    • Парчињата лимон (исечени по потреба) се користат за гарнирање салати.
    • Покрај тоа што лимонот се користи како основа на вкусот во голем број пијалаци и лимонади, може да се користи и во приготвувањето на голем број печива, како што се: пити, колачи, торти; но и за приготвување сосови.
    • Сокот од лимон може да се замрзне за подоцнежна употреба.
    • Најгорниот дел од лушпата, изреднан со ренде се користи во подготовката на голем број рецепти, најмногу заради богатиот вкус на маслените жлезди.
    • Ледениот чај од лимон е освежителен пијалак.
    • Маринираниот лимон е омилен гарнир на Блискиот Исток, во Индија, Мароко итн.

    Здравствено предупредување

    Сокот од лимон има многу ниска Ph вредност, приближно 2,0. Киселиот вкус може да предизвика силно печење доколку дојде во конакт со чирови на устата, јазикот или усните. Дополнително, ако се внесе во преголеми количини, може да ги влоши симптомите на гастрит или чир на желудникот.