Испечати

Халодри торта (Торта „Заводник“)

Халодри торта (Торта „Заводник“)

Состојки

  • Бисквит
  • 150гр путер
  • 150гр шеќер
  • 1 ванилин шеќер
  • 4 јајца
  • 150гр брашно
  • 1 прашак за пециво
  • прстофат сол
  • Тесто за мини принцес крофни
  • 125мл вода
  • 25гр путер
  • прстофат сол
  • 75гр брашно
  • 15гр густин
  • на врв нож прашак за пециво
  • 2-3 јајца
  • Крем за мини принцес крофни
  • 250мл млеко
  • 1 пакување пудинг од ванила
  • 4 лажици шеќер
  • 100гр путер
  • Фил
  • 6 листа безбоен желатин (или 1 пакетче мелен желатин)
  • 400мл слатка павлака
  • 400гр шманд
  • 4 лажици шеќер
  • 1 ванилин шеќер
  • Украсување
  • 1 тегла компот од вишни
  • 1 безбоен прелив за торти
  • 2 лажици шеќер
  • 1 пакетче шлаг пена подготвено според упатството

Подготовка

Бисквит
Путерот убаво се мати заедно со двете врсти на шеќер. Се додадваат јајцата едно по едно, притоа секое од нив се мати по половина минута пред да се додаде наредното. Се додаваат брашното, солта и пецивото. Се мати додека да се спојат состојките, а потоа се става во намастен округол калап со пречник од 26 см и се става да се пече околу 25 мин на 180 степени во претходно загреана рерна. Бисквитот печете го на долната третина од рерната.
Откако ќе се испече се префрла на решетка да се излади и се сече на пола во должина да добиете две кори.

Мини принцес крофни
Водата, путерот и солта ставете ги на рингла да се сварат. Додадете го наеднаш брашното и густинот и мешајте со дрвена лажица додека тестото се направи како топка. Тргнете на страна да се излади па додадете го пецивото. Додадете ги двете јајца едно по друго притоа матејќи со миксер. Третото јаце е по потреба, но и не мора да се стави, се зависи од тоа дали тестото е многу цврсто. Во тој случај, изматете го јајцето со вилушка и количински ставете онолку колку тестото да стане густо и сјајно.
Со помош на мала лажичка или готварски шприц, правете мали округли форми (потребни се 20) на хартија за печење и печете ги во плех околу 18мин на 200 степени во претходно загреана рерна.
Откако ќе се изладат се полнат со крем со помош на шприц.

Крем за принцес крофни
Пудингот сварете го според упатсвото, оставете убаво да се излади. Путерот изматете го пенасто и додаде го кон пудингот.

Фил
Шмандот измешајте го убаво со шеќерот. Желатинот подгответе го според упатсвото на кесичката. Во посебен сад изматете ја цврсто слатката павлака. Желатинот ставете го во смесата од шмад, но пред тоа темперирајте го со тоа што во него ќе додадете неколку лажици од смесата од шманд. Убаво промешајте ја смесата, па додадете ја во неа изматената слатка павлака.

Украсување
Вишните исцедете ги, притоа 250мл од течноста тргнете на страна.
Преливот за торта подгответе го според упатството на кесичката, но со течноста од компотот. Откако е готов, ставете ги вишните во него и промешајте.

Редење на тортата
На една тацна ставете ја едната кора од бисквитот и околу неа поставете го обрачот за торта.
Премачкајте ја со неколку лажици од филот и врз него наредете ги мини принцес крофните. Одозгора нанесете го остатокот од филот. Ставета ја другата кора од бисквитот и нанесете ги вишните со преливот додека се врели.
Ставете ја тортата во фрижидер да отстои преку ноќ.

Наредниот ден, отстранете го обрачот и украсете со шлаг пена.

Напомена
Јас си го олеснав начинот на подготовка со тоа што користев готови мини принцес крофнички, а рецептот го пренесувам каков што го имам.
Наместо вишни можете да користите било кое овошје.

Совет
Принцес крофните замрзнете ги пред да ги редите на тортата.