Испечати

Бела торта (1700 јубилеен рецепт)

Бела торта (1700 јубилеен рецепт)

Состојки

  • 6 белки
  • 12 лажици шеќер
  • 3 лажици брашно, по 1/2 л на секоја кора
  • 300 гр мелен орев
  • 4 кесички шлаг пена
  • 440 мл ладно млеко
  • за покривање
  • 1 кесичка бел шлаг
  • 120 мл ладно млеко
  • бомбончиња и цветчиња за декорација

Подготовка

Драги мои пријатели ова е мојот 1700 рецепт

Поздрав и благодарност за сите оние кои свратиле во мојата кујна, да прочитаат, погледнат, подготват и споделат од моите рецепти.

Благодарност и до целиот тим на Мои Рецепти.

Кога подготвувам јубилеен рецепт сум посебно емотивна. Имам измешани чувства- радост, среќа, возбуда, спомени на кујната на мајка ми... Во главата имав неколку опции за јубилеен рецепт, но повторно подготвив рецепт од кујната на мајка ми. Овој рецепт е стар 40 години и морам да кажам дека ми буди убави спомени. Таа беше дел од богата трпеза за мојата веридба. Ееееее кога беше тоа...
А утре повторно ќе следува и друга торта, која беше планирана за јубилејна.

Начин на подготовка.
1. Прво неколку реченици за подготовката.
-Јајцата треба да бидат на собна температура.
-Садот во кој ќе ја матиме белката, за секоја кора треба да биде чист и сув.
-Перките на миксерот за секоја кора треба да бидат чисти и суви.
-Калапот каде ќе ги печеме корите, треба да е потполно чист за секоја наредна кора.
Напоменувам, дека исклучиво се користи шлаг пена(бела) а не слатка павлака. Во тоа време и ја немаше.
Исто така, ќе ви треба трпение за да ја подготвите,
Пожелно е да се сече после 6 часа, од причина што корите ќе омекнат и тортата ќе биде многу сочна.
Јас корите ги печев во калап бр 20.
Ако ви треба поголема торта, печете ги корите во калап 24 и дуплирајте ги состојките.

2. Значи корите ги печеме една по една.
Во сад ставаме една белка, матиме со миксер, додаваме 2 лажици шеќер и матиме повторно. Со исклучен миксер додаваме ½ лажица брашно и 50 гр мелени ореви. Со шпатула мешаме за да се соедини содржината. Смесата ја нанесуваме во калап во кој има поставено хартија за печење. Печеме околу 10 минути на 180 с. Кога по рабовите кората ќе добие кафена боја- готова е. Внимавајте корите да не останат влажни, или да бидат препечени. Подготовката е иста за сите 6 кори. Откако ќе ги испечете сите, оставете ги да се изладат,

3. Во сад за матење ги ставаме четирите ќесички шлаг пена и ладното млеко. Матиме до згуснување.
На чинија за торта ја ставаме првата кора, па нанесуваме шлаг и израмнуваме. Постапката ја повторуваме со сите кори.
Ја матиме посебно во чист сад петата шлаг пена со млеко и ја покриваме цела торта.
Нанесуваме ненападна , нежна декорација.
Ја покриваме со капак од звоно, за да не се суши шлагот, додека тортата чека дегустација

Жолчките кои остануваат при подготовката на тортава, задолжително ги користам за подготовка на мојот омилен Грилаж, рецепт има на странава.

Среќни празници на сите вас, останете во добро здравје и чувајте се.