Испечати

Мус колач со јагоди

Мус колач со јагоди

Состојки

  • 1 л. слатка павлака 30% млечни масти
  • 500 мл. млеко
  • 150 гр. шеќер
  • 1 ванилин шеќер
  • 150 гр. бела чоколада
  • 15 гр. желатин
  • 100 мл. вода за желатинот
  • 300 гр. јагоди
  • 3 лажици шеќер
  • околу 100 гр. бисквити

Подготовка

- Желатинот залијте го со водата и оставете нека набубри.
- Млекото со ванилиниот шеќер ставете во сад да се проврие и нека вари 3-4 мин, тргнете настрана и во него ставете го веднаш набубрениот желатин. Оставете нека се олади. Кога ќе е спремно за понатамошна работа треба да има густина на мед.

- Додека се лади млекото,  јагодите грубо ги изблендирајте или со вилушка изгмечете. Додадете им го шеќерот и ставете 2-3 мин. да се варат, тргнете и низ цетка ставете да се исцедат, да добиете сок притоа не гмечете ги,  нека остане во цетката густа каша. Нека се лади до собна температура.
- Во подлабока модла со димензии 20х30 постелена со стреч фолија, наредете бискотите по дното со тоа што за кратко ќе ги потопувате во млеко.
Оформување
- Сите состојки претходно приготвени, треба да бидат на собна температура, почнете да ја матите слатката павлака која исто така не е ладна. Матете ја павлаката до густина на шлаг, не повеќе. Додадете го згуснатото млеко кое исто така веќе е топло колку собната температура. Продолжете кратко да матите колку да се спојат.
Од вака добиената смеса одвојте 1/3 и во неа ставете ја кашата од јагодите, тоа е околу 4 лажици. Измешајте и веднаш излијте го добиениот крем врз веќе наредените бискоти. Порамнете, ставете ја модлата во замрзнувачот, а за тоа време стопете на пареа или во микро-печка чоколадото, нека се олади околу 2-3 мин., ставете кај останатиот дел од сматената слатка павлака, изматете повторно, веќе сте го добиле мусот. Извадете ја модлата од замрзнувачот, излијте го мусот врз кремот од јагодите, израмнете, вратете во замрзнувачот на неколку часа да се добро стегне и истовремено спојат вкусовите.
Извадете го готовиот колач од замрзнувач, извадете на тацна, декорирајте по ваша желба - со шлаг, со јагоди или како си вие сакате.
Напомена
Јас врз мусот ставив насецкани јагоди, залив со прелив за торти, а знам дека кога немам прелив, а сакам да ја залијам, тогаш исцедениот сок од јагоди го загревам на оган, го тргам настрана и во него ставам од желатин кој го спремам исто така заливајки го со вода да набубри.
- Напоменето неколку пати дека сите состојки треба да бидат на собна температура, причината е заради спречување да при додавањето на чоколадото не дојде до згрутчување на истото кое ќе се случи ако се многу ладни останатите состојки.
- Многу напишано, а кога ќе се организира работењето верувајте дека кратко трае, не одзема воопшто време подготовката на колачот.