Испечати

Лиснат бриош

Лиснат бриош

Состојки

  • 510 гр брашно
  • 1 мало лажиче сол
  • 40 гр шеќер
  • 1,5 дл млеко
  • 1 сув квасец
  • 3 јајца
  • 50 гр путер на собна температура
  • малку махлеп
  • За додавање во тестото
  • 300 гр путер
  • Шербет
  • 30 гр шеќер
  • 30 гр вода
  • 100 гр гранули шеќер

Подготовка

За овој Велигден, покрај чурекот, направив и лиснат бриош.
Ако сте пробале, знате дека е совршен вкус!
И навистина е! Импресионирана сум од вкусот, од изгледот, од резистентноста. Еве колку денови е веќе, се мислев како да го чувам, решив да не го покривам и не згрешив.
Уште е крцкав однадвор, неверојатно!!! Уште мириса секаде на махлеп!
Во ред, има бајаги ангажман развлечен низ денот, но цело време си работев и други работи додека го чекав тестото да стаса или да се лади во фрижидерот...
Значи станува збор за француски бриош, многу познат и многу популарен, а оваа форма е поретка зашто ќе ти го покаже, или упропасти трудот, сé се гледа.

Бриош всушност е врста на леб обогатен со путер, јајца и шеќер, ние велиме земичка.
Зборот бриош прв пат се употреува во 1404 година во Франција, а во 18 век достигнува најмногу слава заради големата употреба на путерот.
Се сервира за појадок, тоа му е намената која потекнува од црквеното лепче, денес усовршено, но кога е вака стокмен, лиснат, може и како десерт, зошто да не?

Најпрво се прави шербетот, зоврива неколку минути и се трга на страна.
Потоа во робот или миксер со перки за тесто, се додаваат шеќерот, јајцата, млекото, брашното и квасецот одозгора. Се миксира-меси, 5 -8 минути. Треба да се направи топка, па се додава путерот и солта, а и малку махлеп што е мој додаток.
Се измесува убаво, се покрива и се остава 1,5 час да нарасне.
Потоа се меси со раце за да излезе воздухот, топката треба да се намали и се остава 5 -10 минути во фрижидер да се излади.
За тоа време се подготвува путерот од 300 гр. Се поставуваат парчиња на хартија така да формираат правоаголник.
Се преклопува со краевите на хартијата и врз хартијата се притиска со оклагија како што сукаме, за да путерот достигне големина 20 на 25 см.

Се става во фрижидер за да бидат иста температура со тестото.
Сега изладеното тесто се сука, но тоа не е сукање како нашето тесто, туку само се рола оклагијата. Тестото треба да биде димензии 45 на 25 см.

Сега се става путерот на средина на тестото, и се преклопува со двете страни од тестото.

Се сука до 70 см должина, се преклопува третина, па се прави и од другата страна исто, за да путерот остане внатре. Значи се преклопува како пакетче и се става 20 минути во фрижидер.
Се повторува постапката 3 пати, како за секое лиснато.
Потоа се сука кора 35 на 45 см, се става гранули шеќер, но последните 3 сантиметри остануваат празни. Таму се мачка шербетот за да се затвори добро ролатот. Јас ги искористив моите розевки шеќерчиња, перфектно се вклопија.
Се витка ролат, линијата да биде одоздола, се притиска за да се залепи, и се смрзнува 20 минути на тацна некоја за да се сече убаво.
Се нанесува путер на два калапи, се сечат парчињаод 4,5 см, се редат во калапите како на сликите.

Се чека да нараснат до 1 час...
Се пече на 180 степени до 30 минути. Видов дека за рерните дискусијата е голема, значи ќе мора сами да процените. Французите сакаат многу прегорено лиснато, јас не. Мене ми беше предизвик да се исцрви, но да не изгори!
Кога ќе се извади, се капнува малку шербет.
Ако путерот се чини многу, и јас ќе пробам да го намалам на 250 гр следниот пат, мислам ќе бидат исто убави.
Процесот навистина е долг, но можете да си завршите милион работи!
Појадок или десерт, волшебен вкус и изглед!

Пријатно!