Еве уште еден стар рецепт, поточно ова е мала модификација на оној оригиналниот што го имам, но сепак испадна одлично.
1. Од состојките за тесто замесете меко и мазно тесто (како за ванилици) и поделете го на 2 дела (поголем и помал). Заради топлото време, тестото бргу омекнува, затоа ставете го малку во фрижидер да одмори и да се стегне.
2. Модификацијата што ја споменав е токму во премазот од вишни. Рецептот кој го имам е со мармалад од кајсии. Останува на вас како ќе одберете да подготвите. Доколку користите мармалад или слатко тогаш овој чекор и не е потребен. Јас користев компот од вишни.
Вишните со сокот и ванилата ставете ги во сад на оган и оставете да зоврие. Во чашка со малку сок растворете го густинот и ставете го во садот на оган, промешајте на тивко да се згусне малку и потоа тргнете на страна да се излади. Треба да добиете густина како слатко. Прво почнав со вишните за да има време да се излади убаво, а потоа го подготвував колачот.
3. Во плех бр.40 на крупната страна од рендете изрендајте го поголемиот дел од тестото и ставете во претходно загреана рерна да се запече.
За тоа време се подготвува филот, белките изматете ги во цврст снег заедно со шеќерот и додадете ги оревите. Потоа во нив додадете 2 лажици само од сирупот од вишните.
4. Кога тестото е малку запечено, извадете го надвор, распоредете ги вишните подеднакво, а потоа ставете ги белките од горе. На крај изрендајте го помалиот дел од тестото и ставете да се пече.
Оставете да се излади убаво, исечете парчиња, наросете шеќер во прав и послужете.
Добар апетит.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани