Едни убави турски кифлички кои дефинитивно влегоа во моето редовно мени, со вкус и мирис кој ги задоволува сите сетила. Подготовката оди вака

Во топлата вода со една лажичка шеќер и малку брашно се остава квасецот да се активира. Во подлабок сад се става брашно, сол, изматена белка, маслиново масло и активираниот квасец и со малку загреаниот јогурт се замесува убаво меко тесто.

Тестото се премачкува со маслиново масло и се остава да го удвои волуменот и да нарасне половина час.

Во меѓувреме се припрема полнежот за пецивата. Ситно се сецкаат маслинките, сирењето ( јас ставив кашкавал овој пат) и сушените домати. Се зачинува со лук во пра и убаво се промешува.

Стасаното тесто се размесува уште еднаш и се дели на 12 топчиња. Од секое топче се развлекува правоаголник кој се премачкува со растопен путер. Се става од филот и се витка како потковица ( види помошни фотографии). Пецивата се оставаат уште половина час да нараснат. Се премачкуваат со разматена жолчка и се наросуваат со семиња по желба (сусам, лупен сончоглед, ленено семе, ким). Врз секое од нив се става мало парченце путер и се печат на 180 степени 20-25 мин. Добар апетит

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови