Пролетна тортичка со вкусот на првите цреши, лесна и за правење и за јадење.
Интересна е комбинацијата на црешите со желираниот ванилин пудинг надополнет со слабиот вкус на рум од тестото.

~ Тесто ~
1. Се матат јајцата со шеќерот, се додава врелата вода, па маслото, брашното измешано со пецивото, презлата и рум шеќерот кој дава посебен шмек.
За оние што го сакаат вкусот на румот може да додадат и 1 лажица рум.
Се пече на 200 степени околу 15-20 минути, во намастен и набрашнет калап за печење (јас користев со пречник 23 см. на кој му се вадат страните). Се лади.

~ Фил ~
2. Црешите се мијат, им се вадат коските (ако имате со алатка, ако не со нож), се цедат.
3. Една кесичка пудинг од ванила се меша со 5 лажици шеќер, од 330 мл вода се одзема малку да се размеша пудингот и шеќерот, остатокот од водата се зоврива и во неа се вари пудингот. Се меша брзо да се добие густ проѕирен пудинг, во него се ставаат исцедените цели цреши, се меша и се распоредува врз тестото.
4. Се остава во фрижидер додека да се излади добро, при што пудингот ќе се стврдне како желе. Се вадат страните на калапот.

5. На пареа се топи чоколадото со маслото и се распоредува врз филот од цреши и пудинг. Се лади, се прави шлаг пената и со готварски шприц се филуваат страниците на тортата, се декорира со цреши.

Бидејќи црешите не се варени туку се само помешани во пудинг филот, тие го даваат убавиот свеж вкус на оваа лесна тортичка.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани