Како љубител на месени работи и овојпат превев тесто со експериментирање како што обично имам навика и резултатот беше убаво тесто за сукање, а пред се вкусно.Сакам и овојпат да го споделам со вас.
Најпрвин зелката од расол ја сечеме на ситно и ја пржиме убаво додека да омекне. Додаваме малку црн бибер или сол ако е потребно и промешуваме. Од ова тесто јас правев две плекчиња, едното со сирење.
Брашното го сееме и ставаме во сад за месење. Квасецот го растопуваме во мал дел од водата. Во брашното го ставаме кимот и го мешаме насекаде. Млекото и водата ги затоплуваме и со потребните состојки замесуваме средно меко тесто. Тестото го оставаме да стаса. Кога е стасано од тестото правиме 14 топчиња за суканото со зелка и 10 помали ако сакате да правите со друг фил. Секое топче го расукуваме во мала коричка околу 15 цм радиус.
Од топчињата правиме 2 кори. За првата кора расукуваме 7 мали корички и на 6 од нив мачкаме маргарин и ги редиме една врз друга притискајки нежно да се спојат. Седмата коричка ја расукуваме и на неа не ставаме маргарин. На ист начин правиме и со останатите 7 топчиња.

Ја земаме првата кора и од неа со посипување на брашно расукуваме големина на кората зависно во кој број ќе печеме. Големината да е доволна да го покрие дното на плекчето и да излегува од надворешната страна барем до дното како што се гледа на една од сликите. Во мојот случај печев во плекче бр.38 и 24.
Откако е расукана првата кора го подмачкуваме плекчето со маргарин ја ставаме расуканата кора, попрскуваме со зејтин и го ставаме филот од зелката. Втората кора ја расукуваме големина доволна за да го покриеме филот и плус 4 прста ширина обрач кој го сечеме на 4 дела, ја сечеме и го покриваме филот. Го земаме првиот дел со рацете го истегнуваме, ставаме фил на средина и преклопуваме врз филот од едната, потоа од другата страна како на сликата. По желба јас ставив сирење, а може и зелка, како сакате.
Од 2 корички правиме спирала теглејки го тестото и го ставаме на средината од плекчето. И другите 2 дела од обрачот ги правиме на ист начин и ги ставаме до првиот круг.

За второто сукано од 10 топчиња делиме по 5 топчиња и на начин како првиот правиме со фил по вкус. Во овој случај двете кори ги правев како спирали, два круга еден до еден како претходно што објаснив. Оставаме да стаса суканото и печеме во загреана рерна на 200 степени првите десетина минути потоа намалуваме на 180 степени. Печеме околу 35 минути додека не зарумени тестото или да се лизга тестото кога ќе го протресеме плекчето. Кога е испечено го засукуваме со чаршавче и оставаме неколку минути добро да омекне. Се надевам дека ќе ви се допадне ова сукано.  Послужете со јогурт или кисело млеко како прилог.  Ви посакувам добар апетит.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани