Солена торта, видена на телевизија, а кога ја направивме бевме воодушевени. Потеклото италијанско!
Потребни беа макарони како прстенчиња, јас во моментот не најдов такви, па ставив како цевчиња. Ги сварив неколку минути во солена вода.
Црниот патлиџан измијте го и исечете го на неколку парчиња по должина. Испржете го на малку масло.
За сосот, потпржете го исечканиот кромид, додајте го месото, запржете го додека не ја смени бојата па додајте го доматниот сос, виното, зачинете по вкус и оставете го да вари десетина минути. Потоа зачинете, додајте го грашакот и нека повари уште минута-две.
Измешајте го сосот со макароните.
Тавата во која ќе печете премачкајте ја прво со путер и наросете ја од сите страни со презла. Долу поставете ги пржените патлиџани.
Турете половина од смесата, попреку поставете парчиња од кашкавал, па другата половина од смесата. Одозгора пак наросете презла.
Печете во загреана рерна на 200 степени, отприлика половина час.
Пред да ја извадите тортата од тавата оставете ја петнаесетина минути да се подизлади и да се стегне.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови