Од оваа количина на тесто излегуваат доста парчиња на ружи кифли, а јас со дел од тестото направив и мала погача од кифлиња. Поголемиот дел ги правев во форма на ружи, како што е оригиналниот рецепт.

1. Квасецот се дроби и се додава во брашното, се додаваат сите останати состојки и се замесува тестото. Се додава брашно (зависно од брашното, јас додадов околу 200-250 гр. брашно), треба да се добие меко тесто што не лепи. Се остава да скисни 10-15 минути.
2. Тестото се дели на 2 дела. За да добијам скоро иста големина на ружите, тестото го развлекував во кора дебела 1 см. и со чаша вадев кругови. Секој круг се прави како сиџим и се плети како ружичка, краевите да бидат од долната страна, а на средината на ружичката се става малку сирење. За обични кифли круговите се развлекуваат, се мачкаат со малку путер, се става малку сирење и се виткаат кифли.
3. Се остава убаво да скиснат и пред печење се мачкаат со јајце, се става сусам и се печат во загреана рерна на 180 степени околу 20 минути.

Ако ја правите цела доза, тогаш подгответе се бидејќи има доста работа, но може да работите со половина доза. Млекото не мора да е топло, ефектот е ист.
Од тестото правете форми какви сакате, сите се убави, а мене формите ружи ми се многу декоративни и ги правам секогаш за родендени или за празници.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани