Толку евтин десерт, што буквално речено, се исплатува до последен денар.

Најпрво ставете го желатинот во вода и оставете го 15 минути да набабри.
Во меѓувреме, во сад ставете ги шеќерот и водата. Откако ќе зовријат, варете го шербетот уште извесно време, да добие малку на густина. Потоа додадете го приготвениот желатин и оставете уште кратко да провријат, па тргнете го садот од оган. Најдобро да го ставите некаде при рака, за да можете да го истурите во шлагот подоцна.

Во навистина голем сад, на најголема брзина, со миксер, изматете ги белките со шеќерот во цврст шлаг. а ова Ви е потребно околу 5-7 минути. Потоа, намалете ја брзината сосема и додадете го се уште врелиот желатин шербет. Притоа внимавајте бидејќи оваа смеса е навистина течна и прска на сите страни. Значи пожелно е некако да го обезбедите теренот околу Вас, за да не се создава неред.

Како што ќе се лади смесата со постојаното мешање, така ќе се згуснува се повеќе, па брзината на матење ќе можете постепено да ја зголемувате. Овој дел мене ми е поприлично досаден, бидејќи се потребни 30-40 минути константно миксирање. Крајниот резултат е цврста пена која кога ќе ја протресете во садот не мрда воопшто или средишниот дел се нишка сосема малку.

На вака приготвената смеса, можете да и додадете разни екстракти во боја или пак со различен вкус. Јас најчесто ја делам на 3-4 еднакви делови и додавам разни вкусови. Доколку сакате сепак да биде пената бела, не додавајте екстракт или пак користетен безбоен, кој дава само вкус, без обојување.
Мене омилен ми е тој од киви, дава навистина интересна зелена боја, која не е баш очекувана боја за десерт.

Основата ќе ја приготвите со кратко потопување на бисквитите во млеко и веднаш наредете ги во некој подлабок сад, тавче, тепсија, касерола, калап....Јас лично ги редам во 3-4,зависно од големината, пластични кутии од сладолед, алва и сл.
Врз бисквитите ставете ги исецканите ореви, па истурете ја пената.

Приготвениот десерт, ставете го во фрижидер, да отстои неколку часа, за да се стегне.

Чоколадниот прелив пригответе го така што во млекото ќе ги додадете преостанатите состојки и ќе ги варите на умерен оган, постојано мешајќи со жица дури да добиете убаво изедначена и густа смеса.

Кога ќе го ставите преливот врз стегнатата пена, не го размачкувајте со лажица, туку постепено навалувајте го садот во сите правци, а да ја препокрие целата горна површина. Доколку пробате да го израмните со лажица, малку ќе Ви се измешаат,б идејќи преливот е се уште топол, па пената под него, малку попушта.
Повторно вратете го во фрижидер да се стегне.

Јас најчесто го ставам во замрзнувач и на тој начин ми е посебно убав, па може да пробате една кутија да ја замрзнете, да направите разлика и да одберете на кој начин повеќе Ви се допаѓа.

НАПОМЕНА - Како што реков садот за матење треба да биде навистина голем. Садот што го користам јас е од 6-7 литри,под него пишува 32 (ако ви значи нешто) и се полни скоро ¾ од него.
Ако немате рум за преливот, не е задолжителен.
Водата за набабрување на желатинот можеби изгледа премногу, но не ја намалувајте, туку целосно ставете ја во шербетот по изминатите 15 минути.

Нека Ви е на здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови