За подготовка на овој рецепт најпрво започнете со подготовка грашокот.
Грашокот ставете го да се вари на пареа со малку вода и масло, сол и бибер по вкус додека омекне. Потоа оставете го на страна да олади.
Тиквичките исечете ги по должина на тенки парчиња ( треба да има околу 20 парчина) и испечете ги на грил тава од двете страни. Оставете ги на страна и подгответе го оризот.
Во голема тава ставете ги путерот и маслото да се загреат. Додајте го кромидот и пропржете го малку да омекне. Потоа додајте го оризот и заедно пржете ги уште 2-3 мин. Додајте го виното измешајте и оставете го да испари. Кога ќе испари додајте ја супата и оставете да вари. Кога напола оризот е варен во малку супа растворете го шафранот и додајте го во оризот и продолжете со варењето додека испари течноста и оризот е сварен.
Внимавајте оризот да не се превари и да се направи како каша, затоа е најдобро супата да се додава на неколку наврати или по потреба во зависност од оризот колку течност му треба да омекне.
Кога е готов оризот тргнете го од огнот, додајте го пармезанот,кашкавалот, малку бибер и измешајте го да се изедначи. Ако е потребно додајте и сол.
Оставете го малку да подолади а за тоа време подгответе го куглофот.
Ако го користите силиконскиот куглоф од делимано нема потреба од мачкање со путер, но ако е од тефлон намачкајте го.
Странично по целиот куглоф, но да зафаќа и долниот дел наредете наизменично по едно парче сланина и тиквичка. Ставете пола од оризот и порамнете го. Кон средината од куглофот нека биде малку повисок за да не излегува грашокот при сечењето.
Ставете ги грашокот и кашкавалот на коцки и додајте го останатиот ориз.
Порамнете го и ако останале парчина да висат превиткајте ги.
Ставете го во загреана рерна на 180 степени да се потпече околу 30 -40 мин.
Оставете го малку во куглофот и потоа превртете го на соодветна чинија за сервирање.
Може да го сервирате како самостојно јадење со салата или како прилог на месо.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани