Денес ќе готвиме заедно со Маја, готвач член на нашата веб-страница. Маја ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Слатки кифлички со Нутела крем.

Слатки лиснати кифлички со путер, полнети со Нутела крем, попрскани со шеќер во прав. Нам ни се пријаде, а вам?

Подготовка

Чекор 1: Во длабок сад ставете го брашното, на краевите ставете ја солта, а на средината квасецот, шеќерот и активирајте го со еден филџан млако млеко. Откако ќе забележите дека квасецот дупло го зголемил својот волумен додадете масло, јајцето, рендана кора и сок од лимонот, и цимет по желба. Со преостанатото млеко и јогурт замесете средно меко тесто кое со месење ќе ви се одлепи од садот.

Чекор 2: Тестото поделете го на два дела, направете топки и оставете ги 15 минути да стасаат. Потоа расукајте кора и премачкајте ја со путер кој стоел на собна температура. Кората засечете ја на краевите, преклопете ја и оставете ја на страна додека ја подготвувате и другата кора.

Чекор 3: За формирање на кроасаните повторно развлечете кора, исечете ја на 8 кифли, на краевите ставете една лажичка Нутела крем и замотајте ги. Повторете го со другото тесто. Кифлите наредете ги во тавата, и премачкајте ги со јајце и масло. Оставете ги да стасаат околу 1 час.

Чекор 4: Рерната загрејте ја на 220 степени. Откако ќе ги ставите кифлите да се печат, намалете ја на 200 степени и печете ги 15 минути, или додека да добијат златна боја.

Чекор 5: Сервирајте ги во чинија и наросете ги со шеќер во прав.

СОВЕТ: Кифличките можете да ги полните со чоколаден или крем од лешник, но и со мармалад по желба. Секако ќе ви се допаднат.