Феноменално меко и мирисно пециво, кое може да го послужите за некоја домашна прослава, како и за некој оброк. Мене ми изгледаат многу штосно, како прстиња заплеткани се. Кога ќе се испечат парче по парче ги вадите и си ги грицкате.

Подготовка
1. Квасецот со шеќерот го ставаме во малку млако млеко и го оставаме 10-тина минути да се активира.
2. Замесуваме тесто од сите состојки, со млако млеко и го оставаме ½ час да стаса, при што садот во кој ќе стасува како и тестото го премачкуваме со малку масло.
3. Додека стасува тестото го подготвуваме намазот. Лукчињата ги чистиме и толчиме или многу ситно ги сечкаме. Во путерот оставен на собна температура го ставаме магдоносот и лукчето и ја соединуваме смесата.
4. Откако тестото ќе стаса го делиме на 4 дела. Секој дел го расукуваме во правоаголна форма и го премачкуваме со намазот. Го сечеме на три дела и секој дел го ставаме еден врз друг. Со нож или со алатка за пица сечеме ленти со дебелина на прст. Две снопчиња од лентите ставаме во намрсено калапче за мафини.
5. Ги оставаме 30 минути да стасаат, па ги печеме во загреана рерна на 180 степени околу 25 минути.

Забелешка
Ставам обилно лук бидејќи сите дома си го јадеме и го сакаме. Најдобро е да е добро истолчен, дури како крем да се направи, а тоа го правите во толчник со малку сол и малку масло, а може и во блендер.
Маста треба да ви е ладна. Можете и кога ќе ја ставите во брашното, заедно со солта, да ја втрлате, да се направи како трошки па потоа да го замесите тестото со останатите состојки.
Стасувањето зависи и од собната температура, ако е потопло, помалку време ќе треба за стасување пред печење.
Правоаголната форма на првичното тесто треба да ви биде со димензии околу 35х25 см и дебелина од 5 мм, ама тоа додека го фатите редот, а зависи и од големината на калапите за мафини. Значи ако се поголеми калапите, по повеќе „снопчиња„ ќе си ставате во калапчето. Ама внимавајте, баш убаво си стасуваат.
Калапчињата ги премачкувате со путер. Од оваа доза излегуваат 24 вакви пецива, некои „подебелки“ некои „послаби“...
Лентите ги спуштате така, без некој ред или пак малку им посветувате на кратко внимание односно им давате правец на вртење т.е. ги подместувате.
Откако ќе се испечат се многу меки и вкусни иако филот може да си го комбинирате по желба и вкус. Јас овој пат немав свеж магдонос па ставив сушен.

Од каде името? Е па кога се готови само парче по парче си растргаш, односно го одвојуваш и си грицкаш =)

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани