Некои ги викаат сиријси, некои либански колачи, а на кратко можеме да ги класираме во арапски и да уживаме во нивниот десерт. Доста привлечен и несекојдневен за наше поднебје и припаѓа на суви полнети колачи за кои е потребно исто така специјално калапче со шари за овие колачи. Шарите ги има 2 поголеми и 4 помали, а варијации на овој рецепт повеќе, па оригиналот можиме само на лице место да го пробаме.

Јас се одлучив за овој рецет каде доминира семолина брашно бидејќи го имав одамна купено и чекаше свој момент. Но можеби и гризот ќе заврши добра работа, само треба да се избери ситен да е.
Колачите ми излегоја супер, но наидов и на маани како за прв пат и ќе ги посочам уште веднаш тука на стартот. Имено, полежот со урми ми ја зезна малку работата. Најпрво, пастата од урми не смее да е цврста како што беше мојата. Затоа тука допишав дека треба и вода да се разреди и полнењето во колачите да е е претерано како што јас знаев на половината да го направам, ами умерено, оти при печењето ќе ви се крени низ колачите и ќе ви ја расипи шарата.

Е сега кога се разјаснивме, да почниме со рецептот.
Измешајте ги сувите состојки, додадете го путерот и тријте го тестото да се спои меѓусебно. Потоа додадете ја ружината или портокал вода и измесете во тесто. Откако добро ќе се помачите и ако забележите дека сепак е суво, внимателно со месење додавајте по 1 лажица вода додека се оформи. Потоа покријте го во садот и оставете го половина час така да одстои.

За тоа време пуштете ја печката на 200С испремете го филот. Урмите изблендирајте ги во паста. Можи да им додадете шеќер во прав, но како што пишав во воведниот дел, внимавајте да не ви дојди како прополис, ами да е како паста, а тоа ќе го регулирате со додавање на вода, а зависи од сочноста на самите урми.

Тестото се премесува убаво. Се зема топче малку поголемо од орев, се сплескува и се полни со фил, па повторно се оформува во топче, а филот останува внатре во средината. Така се става во калапот се набива убаво и потоа се вади формата на колачето.
Се редат во обложен плех со пек-хартија и се печат 20на минути. Се внимава да останат бели и цврсти.
Печени потоа се посипуваат обилно со шеќер во прав.

Овие колачи можат долго да стојат во добро затворена кутија на суво и ладно место, не во фрижидер.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови