Хранливи вредности на грозјето:

Грозјето или „кралицата на овошјето“ е преполно со хранливи фито-материи корисни за здравјето, како што се: полифенолните антиоксиданси, витамините и минералите. Затоа, вклучете го ова овошје во исхраната, без разлика дали тоа ќе биде во свежа форма, како сок или пак како дел од овошна салата. Ботанички, грозјето е составено од многу мали плодови кои растат во снопови, на повеќегодишна, листопадна лоза од родот Vitis. Грозјето потекнува од Европа и медитеранскиот регион, но денес се одгледува низ целиот свет.

Структурно, секој плод е составен од полупроѕирно месо, обвиткано со мазна лушпа. Некои сорти содржат семки кои се јадат додека други воопшто немаат семки. Бојата на овошјето се должи на присуството на полифенолни пигменти. Црвената или виолетова боја се должи на антоцијанините, додека белата боја се должи на катецинот.

Интересно, овие антиоксидантски соединенија се најгусто сконцентрирани во лушпата и семките.

Постојат три главни сорти грозје: европска (Vitis vinifera), северноамериканска (Vitis labrusca и Vitis rotundifolia) и француски хибриди.

  • Дел од најпопуларните зелени сорти грозје се: Томпсон бессеменско, Калмерија и Афус-Али.
  • Црвените сорти ги вклучуваат: император, црвен глобус, кардинал и Флејм бессеменско.
  • Конкорд и зинфандел се дел од вкусните сино-црни сорти.

Комерцијално, многу сорти грозје се одгледуваат за различни намени, за јадење, за сушење или пак за производство на вино.

Здравствени придобивки од грозјето:

  • Фито-хемиската состојка ресвератол, која е присустна во грозјето е полифенолен антиоксиданс за кој е откриено дека заштитува од рак на дебелото црево и простатата, заболувања на срцевите артерии и дегенеративни нервни заболувања, Алцхајмерова болест и вирални и габични инфекции.
  • Ресвератолот го намалува ризикот од мозочен удар преку менување на молекуларните механизми во крвните садови. Тоа го прави прво преку намалување на подложноста на крвните садови на оштетувања, преку намалување на активноста на ангиотенсинот (системски хормон кој предизвикува стеснување на крвните садови, што доведува до покачување на крвниот притисок); а потоа и преку зголемување на излачувањето на вазодилататската супстанца, азот монооксид (корисна супстанца која предизвикува опуштање на крвните садови).
  • Антоцијанините, уште еден вид полифенолни антиоксиданси кои се присутни во црвеното грозје, имаат антиалергиски, антивоспалителни, антимикробни и антиканцерогени својства.
  • Катехините, еден вид флавоноидни антиоксиданси, кои се присутни во белото / зелено грозје, исто така ги има овие благопријатни ефекти за здравјето.
  • Дополнително, овие мали, топчести плодови имаат ниска калорична вредност. Во 100 грама свежо грозје има 69 калории и воопшто нема холестерол.
  • Грозјето е богат извор на микрохранливи минерали, како што се: бакар, железо и манган. Бакарот и манганот се есенцијални кофактори на антиоксидантскиот ензим супероксид дисмутас. Железото е поконцентрирано во сувото грозје. Дополнително, 100 грама свежо грозје содржи приближно 191 микрограм од електролитот корисен за здравјето, калиум.
  • Грозјето исто така е добар извор на витамин Ц, витамин А, витамин К и витамини од Б-комплексот, како што се: пиридоксин, рибофлавин и тиамин.

Избор и складирање:

Свежото грозје е достапно во текот на целата година. Во продавниците, одберете го она грозје кое има цврсти и полни зрна, на чии лушпи нема набори и засеци, од кои не тече сок и кои се цврсто прикачени на стебленцето. Подигнете го целиот грозд во воздух и нежно протресете го. Разлабавените зрна, доколку ги има, сами ќе отпаднат.

Купувајте добро узреано грозје. Зелените сорти треба да имаат блага жолтеникава нијанса, црвените сорти треба да се розовкасто-црвено, а виолетовите и сино-црните сорти треба да имаат длабока и богата боја.

Со оглед на тоа што ова овошје брзо се расипува и започнува да ферментира на собна температура, секогаш треба да се складира во фрижидер. Нежно завиткајте го измиениот грозд во хратиена крпа и ставете го во ќеса што се затвара. На овој начин ќе бидете сигурни дека грозјето ќе остане свежо до неколку дена.

Употреба во кујната:

Пред да го јадете, измијте го целиот грозд, за да ги отстраните евентуалните остатоци од прав и пестициди и потоа потопете го во вода неколку минути. Ставете го гроздот во вода и нежно завртете го неколку пати, за да отпаднат сите несакани материи. Нежно избришете го со мека крпа.

Доколку не планирате да го јадете целиот грозд одеднаш, тогаш со ножици одвојте помал дел од гроздот, наместо да ги кинете зрната. На овој начин остатокот од грозјето ќе остане посвежо, затоа што ќе спречите сушење на стебленцето.

Иако семките се богати со хранливи материи, сортите грозје без семки ги прават јадењата во кои има грозје многу попријатни за јадење.

Совети за приготвување:

  • Уживајте во грозјето такво какво што е, без какви било додатоци.
  • Додадете го во овошна салата, заедно со праски, круши, кајсии и ананас.
  • Сувото грозје се користи за приготвување печива, пудинзи, торти, колачи, итн.
  • Ова овошје исто така се користи и во прехранбената индустрија, за приготвување џем, мармалади, сок и вино.