Предлог за вкусен посен ручек кој го подготвувам преку целата година, бидејќи сега кога е сезона на пипирки за ајвар, секогаш во замрзнувачот ставам црвени пиперки за ајвар за полнење според нашите потреби. Овојпат е посна верзија.

~ Фил ~
1. Кромидот се сечка ситно, малите моркови се сечкаат на кругчиња, а големите моркови се рендаат на крупната страна на рендето. Во тавче сето пржи со малку масло, сол и вода додека да испари водата.

2. Се става измиениот ориз и се запржува уште малку. Се додаваат излупените и на коцки исечкани домати, мешаниот сув зачин, црниот пипер и шарената сол.
Сето се меша и се пржи додека доматите не пуштат сос и се соединат со останатата смеса. Се додава црвениот пипер, се пржи кратко и се трга настрана.

3. Пиперките се мијат, им се отстрануваат дршките и се вадат семките. Со лажица се полнат со подготвениот фил, оставајќи место за капачињата од компири.

4. Компирите се лупат, се мијат, се сечат на парчиња според отворите на пиперките, со нив се затвораат пиперките и се редат во тава со компирите потпрени на ѕидовите за да не истече филот. Празнините во тавата помеѓу пиперките се потполнуваат со компири и моркови.

5. Врз пиперките се распоредува малку масло, мешан сув зачин и се тура млака вода до некаде малку погоре од средината на пиперките, се тава во загреана рерна на 200 степени. По потреба и вкус во водата се ставаат ловорови ливчиња. Се пече околу 1 час или по потреба уште малку, односно додека да се потпечат пиперките (но не да изгорат), и да остане малку водичка во тавата.

Забелешка
Овој пат пиперките кои ги користев беа свежи, а кога правам со замрзнати пиперки, ги вадам од ладилникот непосредно пред да ги полнам со филот.
Користам црвени пиперки зашто ни се послатки и повкусни.
Додадете си по потреба мелено месо во филот за мрсна верзија.
Наместо свежи домати, во филот може да се стави домата или доматно пире.
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани