Денес на мени имаме обезкостено пиле, полнето со ќофтиња и состојки кои му даваат посебен вкус и шмек, а кое е особено декоративно кога ќе се постави на трпеза.

Подготовка
1. Од меленото месо и фант за ќофтиња правиме смеса од која пак правиме ќофтиња и ги пржиме во загреано масло. Ги оставаме да се ладат.
2. Најпрво ги сечеме крилцата на пилето, па го обезкостуваме. Започнуваме од задниот дел, а не од вратот на пилето со тоа што со остар нож ја соголуваме секоја коска и рскавица, а месото ни останува на пилето. Кога ќе дојдеме во делот на батаците, на зглобовите ги сечеме рскавиците и ги делиме коските, па постепено ги соголуваме од месото. Откако ќе ги отстраниме сите коски, со кујнски конец (а може и обичен конец) ги врзуваме батаците и крилцата секое посебно, па потоа и помеѓу себе, откако ќе го наполниме пилето.
3. Чајната и кашкавалот ги сечкаме на ситни коцки па ги соединуваме со ќофтињата и грашокот, зачинуваме, а целата смеса ја врзуваме со две мали јајца.
4. Ја затвораме со конец едната страна од пилето и го полниме со мастрафот, па го дошиваме насекаде каде што има отвори. Го виткаме во алуминиунска фолија , го ставаме во тава во која налеваме една чаша вода.
5. Го печеме на 220 степени околу 1 час, потоа ја отвораме фолијата и кратко го допекуваме колку да порумени кожичката, а можете и да ја намалите и температурата.
6. Добро го ладиме, па во фрижидер и на крајот го сечеме на тенки парчиња и го сервираме.

Забелешка
Може да се користи и замрнато пиле, се разбира треба да се одмрзне за обработка, јас начекав свежо, штотуку донесено.
Меленото месо со фантот го измешав директно, во него не ставив дополнителни зачини, свеж кромид, лебни трошки и сл., така да ако сакате можете да си ги направите малите ќофтиња и по ваш домашен рецепт, ама вака без дополненија имаат погуста структура и личат многу убаво во завршниот дел, кога пилето ќе се сече.
Овој пат ова пиле беше идеално обезкостено, лесно за обработка и немаше дополнително шиење, само отвори од кај вратот и задниот дел на пилето. Кога еднаш ќе пробате , навистина потоа ќе ви биде се полесно и полесно обезкостувањето. Полесно е кога ќе се види се разбира, како се прави тоа, ама ако сакате и сте упорни ќе го направите овој чекор на обезкостување.
Има и поедноставен начин на полнење,во овој рецепт тука 
Околу печењето, зависи како ви пече рерната, зависи од големината на пилето, па така од сето тоа ќе зависи и должината на печењето, па затоа не се врзувајте за моето време.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани