Кај нас дома тиквиците и модрите домати се меѓу омилените јадења и секоја варијанта за нивно конзервирање за во зима е добредојдена. Оваа е многу едноставна, се прави во домашни услови и ја најдов барајќи начин да се спасам од прженици.
Зеленчуците убаво се мијат, тиквиците се лупат. Тиквиците се печат подолго и на повисока температура (околу 250 степени), а модрите домати на 200 степени и доста кратко (15тина минути).
Ги редам на хартија за печење и користам паралелно два плеха. Додека се печат, го загревам маслото. Редам ред тиквички/модри домати, па малку масло, малку оцет, посолувам сосема малку и ставам сува мајчина душичка и така се до врвот на теглата. За оние кои сакаат лук, тој би дал одличен шмек, било да е свеж или сув во прав.
На крајот теглите ги редам во рерна на 100 степени околу 1 час и потоа ги оставам во рерната дур да се оладат.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови