Со оваа торта го обележувам 600-ти рецепт објавен на оваа прекрасна страна која ни овозможува нашите домашно зготвени рецепти, да си ги претставуваме тука и заеднички да се дружиме и да ги споделуваме нашите готвачки способности. Јубилејниов рецепт и го посветувам на мојата мајка за севкупната подршка што ми ја дава во животот, како и за сето готвачко искуство што ми го предаде и сеуште ми го пренесува. За вкусот нема да зборувам, кој ја сака оваа комбинација ментол со чоколадо едноставно ќе биде воодушевен од тортава.

Подготовка
Кога филот треба да се лади најчесто го припремам прво него.
1. Пола литар од млекото заедно со бонбоните го ставаме на оган, на средна температура, за да бонбоните се стопат. Лесно, повремено промешуваме додека сосема да се стопат.
2. Ливчињата нане заедно со 50 мл млеко ги блендираме во блендер или Нутрибулет.
3. Откако бонбоните ќе се стопат, нането го додаваме кон нив.
4. Останатото млеко го соединуваме со густин и пудинг и шеќер и го додаваме на „зеленото“ млеко што почнало да врие. Во оваа смеса додаваме екстракт од ментол и прехрамбена зелена боја ако сакаме некоја друга нијанса на зелено. Вариме до згуснување со постојано мешање за да не ни се напрват грутчиња и смесата ни биде мазна. Го покриваме кремот со најлонска фолија и го оставаме сосема да олади.
5. Путерот заедно со шеќерот во прав пенасто ги матиме. Ги соединуваме со изладениот крем и филот ни е подготвен. Продолжуваме со подготовка на чоколадниот бисквит.
1. Го припремаме калапот за торта бр. 24, на дното ставаме хартија за печење, а од страните го премачкуваме со путер. Ја вклучуваме рерната на 180 степени.
2. Јајцата заедно со шеќерите ги матиме неколку минути да се соединат и згуснат.
3. Чоколадото го топиме на оган, а водата ја загреваме до вриење.
4. Ги ставаме течните состојки заедно со чоколадото во јајцата и матиме со миксер до соединување.
5. Сувите состојки (брашно, сода бикарбона, пециво и какао) ги промешуваме и ги додаваме на течниот дел. Убаво соединуваме и ја истураме смесата во калап.
6. Печеме околу 35-40 минути, а проверка дали е печено правиме со чепкалка, ако ни е сува, печен е бисквитот. Го оставаме да олади па го делиме на два дела по должина. За ганашот ја топлиме на тивко слатката павлака до вриење, ја тргаме на страна и го додаваме чоколадото во коцки. Мешаме до топење на чоколадото и соединување. Го оставаме да се подизлади и малку згусне колку за да се распореди на тортата. Филот го делиме на два дела, редиме бисквит, фил, бисквит, фил, ганаж и малку од вториот дел од филот оставаме за украсување.

Забелешка
Ако ви добие бисквитот неправилен облик отстранете го горниот дел па пресечете го потоа бисквитот по должина. Засладете се со остранетиот дел. Ганажот треба да се излади до степен да не биде редок, ама и не премногу густ, за да правилно се распореди на тортата.