Е драги мои денес мојот сопруг правеше пинџур, па успеав да украдам некоја слика од марифетот, односно од толчењето на лукот.
Пинџурот го правиме како и поголем дел во Македонија,( тука го имам објавено) што се припрема, се печат и лупат пиперки- црвени и зелени и модри патлиџани.
На страна правам сос од црвени домати.
Е негде така соединети 3 зеленчуци ги попаруваат со загреано масло, негде со живо , ама јас кога се омажив во Неготино го видов марифетот со вртење на лукот.
Малку изгледа досадничко ама краен ефект фантастичен.
Ова макало може да се користи за пржена риба, за разни печени меса, за печени пиперки....
Количината на оваа доза макало е за 3-3,5 кгр пинџур.

Е ај сега како се прави.
Во дрвена лучница се ставаат исчистените чешниња лук, па се додава солта и се толчат заедно.
Така се толчи се додека смесата не се соедини убаво и биде добро истолчена.
Е сега по малку, отприлика 2-3 лажици масло се става во лучницата и се врти со толчникот во круг.
Лукот постепено го прима маслото и се задебелува како мајонез.
Така се постапува отприлика 5-6 пати, постојано се врти за убаво да се изедначи.
Самата смеса кажува кога е доста на масло, бидејќи толчникот се потешко се врти.
Тест за успешно макало- поставете го толчникот во лукот и тој стои цврсто во него.
Значи колку повеќе лук ставате, толку повеќе масло ќе пие.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани