Ова е еден од најстарите рецепти во мојата тетратка за козињак-милиброд кој секогаш успева. Дозата е голема, излегува многу ама не е проблем затоа што долго време останува мек.

Квасецот се става да надојде во 200мл затоплено млеко и 4 лажици шеќер. Брашното се просејува и се меша со шеќерот и солта. Се додава кората од портокал и румот. Ако немате кора од портокал може да се замени и со лимон.
Се замесува тесто со стасаниот квасец, млакото млеко, жолчките и салото. Смесата убаво се меси додека се добие мазно тесто. На почеток ставете 1 кг брашно, а другото ќе се искористи при формирањето на векните.
Одкако ќе се измеси убаво тестото се остава да скисне-да надојде. Кога ќе надојде се премесува и се остава да скисне уште еднаш.
Стасаното тесто се дели на 2 дела. Од секој дел се расукува кора која се премачкува со мармалад и се посипува со суво грозје.
Од двата краја на кората се заролуваат ролнички во два круга и еден од средината. Значи се добиваат три ролнички кои се плетат во плетенки. Плетенките се сечат по должина на 2 дела и се ставаат во подмачкан плех да стасаат. Одкако ќе стасаат се премачкуваат со разматено јајце и се печат 10 минути на 200 а потоа уште 30 минути на 180 степени.
Сувото грозје се чисти од рачки и петелки и се попарува со 200мл зовриена вода и 3 лажици рум. Така треба да одстои барем 30 минути.
За подготовка на печени теста секогаш е најубаво да се користи домашен мармалад. Во овој рецепт јас користев џем од сливи со чоколада.
Одкако ќе се испече козињакот се покрива со крпа и најубаво се сече од како ќе се олади. Дозата е голема, за плех бр 40 така да кој сака може да ја намали по свој вкус или потреба.
Одличен е за ужинка или појадок со чаша топло млеко.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани