И така... го месев ова прекрасно лепче по рецепт на Дијана која е мајстор за сите видови теста, за квасот токму од неа учев и можам да се пофалам дека е добар учител... научив, благодарност до неа...
Значи ако имате веќе подготвен квас, ќе замесете со него, ако немате, а сакате да го направите овој леб, тогаш ставете обичен жив - пресен квасец. Грамажата да не ве чуди на квасецот, мала е, но земајки во обзир колку се чека за да стаса лебот и не е мала. Ќе добиете многу убав, шупликав леб кој сепак не е е престасан.
Еве ја постапката
1. Доколку месете со квас, тогаш одмерете 60 гр. од него, освежете го со додавање на малку вода и брашно, нека одстои 5-6 часа. Па дури тогаш ќе продолжите со подолу напишана постапка.
- Измешајте ги двата вида на брашно во ванглата во која ќе месите. Од водата одземете 50 мл., а со остатокот замесете го брашното. Ќе добиете тесто со грутчиња, не мазно,  но лепливо. Покријте го и оставете го да одмара 30 мин.
Потоа во него додајте го квасот кој ќе го искинете на парчиња или квасецот растворен со остатокот од водата и медот. Додавајте од остатокот на водата и месете го тестото се додека не се изедначи, па додајте ја дури сега солта и продолжете да месете уште 7-8 мин. За да скратете постапката можете да го месите со миксерот.
- Оставете го измесеното тесто да одмори 5-6 мин. Извадете го од ванглата тестото на побрашнета површина. Не го размесувајте туку со рацете без да го влечете тестото направете правоаголна форма од тестото, горната третина од добиеното расплескано тесто вратете кон средината, долната третина подигнете и ставете ја врз првата, сега од левата страна кон средината ставете ја едната третина од тестото - преклопете со десната третина. Намачкајте ја ванглата со зејтин, вратете го тестото вака формирано во неа и оставете да стасува околу 8 часа па може и повеке без да се плашите дека ќе ви престаса бидејки има многу малку квасец.
- Кога поминало ова време, истресете го тестото на побрашнета површина, поделете го на два дела. Повторете ја предходната постапка со преклопувањето и на двата дела од тесто. Оставете да одмори 10 мин. При преклопувањето добивате округла форма.
- По изминувањето на тие 10 мин. повторно го растегнете со рацете тестото. Не налегајте го многу бидејки од тоа зависи колку ќе е шупликав. Сега спојте ги десно и лево третините од тесто - заролајте но при тоа навистине немојте да налегате. Формирајте векна. Така постапете и со другото тесто. Ќе добиете две векни од по 600 гр. Ставете ги на побрашнето чаршавче одвојувајки ги една од друга со подигање на чаршавчето, ставете ги во потесен сад за да тие нараснуваат во висина - ако се во поширок сад бидејки тестото е меко ќе се разлеат.
- Нека стасуваат околу 30 мин. , а за тоа време вклучете ја рерната да се загрее на 250 степени и печете го на оваа температура околу 10-15 мин,, потоа намалете ја на 200 степени и нека се печат на оваа температура исто околу 10-15 мин, намалете и до крај нека се пече на температура од 180 степени. Тоа некаде вкупно е околу 40 -45 мин. зависи и од самата рерна.
Многу напишав, ако внимателно прочитате ќе сфатите дека не е толку тешко колку што е многу напишано. Погодно да се замеси од вечер, супер е.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани