Полесно здравје, поздраво....па најверојатно здравје пак, м? =))
Коса ми се крева кога ќе ми каже некој дека купил маџун за 150 денари или некоја таква сомнителна цена од продавница. Со оглед на тоа дека косата ми е до колена, многу коса е тоа =))
За инает на лажливата индустрија, копам по стари рецепти!
Има да се знае кој е кој и што е што =))

За од прилика една тегла маџун потребно е окулу 6кг гројзе. Од послатките сорти на грозје се добива повеќе маџун.
Велат грозје Кратошија е најдобро за маџун бидејки е најслатко, ама која и да е сорта ќе ви заврши работа и ќе биде подеднакво здрава.

Грозјето се гмечи низ машинка за мелење месо или ако станува збор за голема количина може и од оние машинките за мелење грозје за вино (муљача).
Доколку немате ништо од тоа, згмечето го со раце да излезе сокот или пројдете го низ соковник. Ви треба само сокот, не лушпите и семките.
Ние првите две години кога го приготвувавме немавме ни машинка, ни соковник, го гмечевме убаво со раце, го остававме да преноќи и следниот ден го исцрпувавме само сокот од горниот дел на садот. Лушпите и семките се спаднати на дното, па исцрпувањето на сокот оди лесно.
Кога ќе стигнете до крајот можете да го прецедите низ газа.
Ние одбегнуваме да го цедиме низ газа пред да го исцрпиме бистриот сок, така има помалку парталчиња во маџунот.

Сокот се става во тенџере на оган или во шерпа на ќумбе и се вари додека да се згусне. Ќе внимавате да не загори. Грозјето е богато со шеќер, може да карамелизира ако го заборавите (кхммм, ми се чини како некој од искуство да зборува) =))
Готово е кога ќе се намали речиси на половина - РЕЧИСИ половина. Внимавајте да не загори, уште еднаш ќе напоменам.

Се става во топли тегли или шишиња кои се редат едно до друго и се остава да се олади.

Се користи како засладувач во чај, кафе, сок или самостојно како сокче.
На пилиштарциве им го растварав како сок - една голема лажица во чаша вода (шише), а им го утрапував во млеко и чај. Всушност немаше потреба да им го утрапувам, го љокаа без проблем. Благце го викаше малдунче, тоа е категорија убавини=))
Се користи и како лек, по една голема лажица сабајле и навечер.
Феноменален е за анемии, имунитет, проблеми со црн дроб, дишни патишта...едноставно ЗА СЕ.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани