Подготовка на пандишпанот
Одделете ги жолчките и белките.
Жолчките малку изматете ги со водата и со постепено додавање на шеќерот измешан со ванилата продолжете со матењето додека се добие светла кремаста смеса. Додајте го путерот и повторно изматете да се изедначи.
Потоа со чисти мешалки пенесто изматете ги белките со прстофат сол, додајте ги во смесата од жолчки и измешајте ги со лажица или жица.
Брашното, нишестето, какаото и пецивото измешајте ги, додајте ги во смесата и со жицата измешајте ги да се изедначи. Истурете ја во подмачкана и набрашнета тава бр. 26 и ставете ја да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 30-35 мин.
Подготовка на филот
Пудингот растворете го со малку млеко и половина од шеќерот, а останатиот шеќер и млеко ставете ги на оган да зовриат.
Откако ќе зовријат додајте го пудингот и мешајте го да се згусти. Тргнете го од огнот и покриен оставете го да олади.
Јајцата малку изматете ги со трите лажици шеќер и ставете ги да се варат на пареа малку да се стерелизираат околу 10 минути, повремено мешајте ги. Потоа додајте го чоколадото и мешајте додека се стопи. Оставете ги да оладат.
Путерот изматете го и лажица по лажица додавајте од оладениот пудинг и мешајте да се изедначат. Потоа додајте ги јајцата со чоколадата и на крај нутелата. Убаво изматете ги да се изедначи смесата.

Оладениот пандишпан исечете го хоризонтално на половина. На средината исфиловајте го со повеќе од половина од филот, а со останатиот фил премачкајте ја одозгора целата торта. Потоа премачкајте ја со изматена слатка павлака.
Подготовка на гнездото
Чоколадата со 2 лажици масло стопете ја на пареа и на хартија за печење со лажица направете линии и оставете ги во фрижидер да се стегнат. Потоа на средината од тортата наредете ги во вид на гнездо и ставете ги чоколадните јајца.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани