Рецепт брз за приготвување, тесто кое може да стои во фрижидер цела недела без проблем, може да се пече и да се пржи. Пржено е секако повкусно и речиси не впива масло. Можете да го користите за што ќе ви притреба, мекици, крофни, киглички, пици, пастрмајлии....

Јајцата изматете ги убаво со миксер, додадете го млекото или јогуртот. Додадете го растворениот квасец. Не мора да чекате да стаса. Постепено додавајте го брашното и пецивото и мешајте со дрвена лажица или со раце.
Според рецептот ќе добиете средно тесто, но мене многу ми се бендисува кога е помеко, лепливо, како за мекици, па додавам јогурт. Вкупната количина на јогурт што ја ставам во тестото е окулу 500 - 600мл, зависи од брашното. Да е меко и да не се лепи за раце. Внимателно додавајте го јогуртот. (велам јогурт бидејки само со јогурт ги правам, така ми се поубави).
Јогуртот пожелно е да е на собна температура или замлачен, никако врел, за да може тестото побрзо да стаса.
Речиси никогаш не ставам прашак за пециво. Го додавам само кога сакам побрзо да стаса тестото. Главната фотографија е без прашак за пециво. 
Дополнето: баба ми вели дека заради прашокот за пециво не впивале масло ;) 

Поклопете го садот и оставете го тестото да стаса. Премесете го, ако има потреба додадете малку брашно или работете со намастени дланки.
Правете мали топчиња и редете ги на работната маса. Големината е по желба, но имајте во предвид дека нараснуваат повеќе од двојно.
Додека чекате да стасаат топчињата, вклучете ја ринглата и ставете масло да се згрее. Пржете во длабоко врело масло. Јас пржев на 4 од 6.
Топчињата ќе нараснат по втор пат додека да се згрее маслото.

Вадете ги со лажица решетка и ставете ги на хартија да се впие вишокот масло.

Совршени се за секаков вид јадење и солено и благо.
Дозата е многу голема, затоа не мора да ја приготвите целата одеднаш.

Рецептов го имам окулу 15 години. Ми го даде тетка Маре, на мојата најдобра другарка, мајката.
Кога бев средно и на факултет, ми беше основа за секој оброк.
Топчињата ги редев на послужавник, ги оставав да стасат и стасани ги ставав сосе послужавник во замрзнувач. Кога ќе се замрзнеа, ги префрлав во мали кесенца за замрзнување. Ми одземаше повеќе време во денот, но потоа имав брз оброк многу долго време.
Кога ми требаа, само ги редев на работана маса, вклучував рингла и додека маслото да се згрее, тие се одмрзнале. Абе.... саде финтици сум, во кујна да не влезам =))

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани