Немав намера да правам торта за мојот роденден, сакав да се истакнам за роденденот на Младунче, ама сите кога ми честитаа, ме прашуваа каква торта ќе сум направела. Изгледа очекуваа од мене, не знам =))
Заспаа пилиштарците и се ставив во погон. Мораше да се задоволи публиката во скромните барања - торта сакаа луѓето =))

Бисквитите искршете ги и ставете ги во длабок сад, прелијте ги со млако млеко и додадете го шеќерот во прав.
Чоколадото стопете го на пареа и додадете го заедно со путерот во садот со бисквитите. Мешајте со лажица смесата да се соедини.
Тестото е готово.

Филот е едноставен, само изматете ја слатката павлака и додадете вкус по желба.
Доколку сакате да биде разнобојно како на сликата, поделете ја слатката павлака во повеќе садови и додавајте прехранбена боја. Ако користите течна боја, додадете ја директно во садот со слатка павлака, но ако користите бои во прав, прво разредете ги, да се растопат во малку млеко или вода и потоа додадете ги во изматената слатка павлака.

Филувањето е по ваша желба.
Можете тестото да го ставите во калап и само да го декорирате со сплатка павлака, а може и да го редите на слоеви како вистинска торта.
Јас редев слоеви во калапчињата за векни од Делимано и од оваа доза за тесто направив две калапчиња.
Можете тестото да го редите и во калап со обрач, па да го одстраните обрачот кога ќе завршите.

Дозата за фил е напишана во зависност од тоа дали само како декорација ќе ја направите или ќе филувате повеќе редови.

Јас тестото го тапкав со раце на дното на калапот, ставав фил, вториот слој го притискав со раце или со сукало, па го ставив врз филот. Вишокот го одстранував од страните на калапот и го враќав во преостанатото тесто.
Калапите ги ставив во замрзнувач, убаво да се стегнат, па ги превртев и декорирав.

Оваа смеса за тесто многу често си ја користам за брзи бомбици. Додадете и едно капаче рум и супер се. Валкајте ги во мелени ореви, фстаци, кокос и добиваат различни вкусови (добро, речиси различни) =))

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани