Подгответе го најпрво предтестото.
Во еден длабок сад ставете го млекото и во него растворете го квасецот. Додадете го брашното и изматете со миксер со спиралните маталки. Матете додека да добиете еднолична смеса без грутки. Покријте со крпа и оставете на топло да стасува некои 20 минути.
Откако стасало, додадете ги јајцата претходно изматени со шеќерот. Матете повторно со миксерот или пак во кујнска машина. Додадете го брашното и останатите состојки. Матете некои 7-8 минути. Тестото ќе биде меко и лепливо. Покријте го со крпа и оставете да стасува 15-тина минути. Повторно изматете и оставете да стасува. Повторете ја постапкава уште еднаш.
Откако и по трет пат ќе стаса, претурете го тестото на набрашнета површина, наросете малку брашно и врз тестото и нежно и кратко размесете го со раце. Исукајте кора со дебелина од 1 и 1/2 см. и со чаша или калап вадете округли форми. Ставајте ги на набрашнета крпа, покријте ги и оставете 5-10 минути да стасаат.
За тоа време ставете го маслото да се загрева. Јас ги пржев во фритеза на 175 степени. Пржете ги од секоја страна по отприлика 3 минути. Ставете ги на кујнска хартија да се исцеди вишокот на маснотија па потоа посипете ги со шеќер во прав или полнете ги по желба.

Овие крофни се полнат со мармалад или пудинг. Ние ги сакаме без фил внатре туку само посипани со шеќер во прав па така и ги претставив. Крофните се пре, премеки и миризливи. Од оваа количина состојки се добиваат 10-12 берлинци во зависност од големината на калапот со кои ќе ги сечите.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани