Бегова - бегова, ама и наша чорба, па многу е вкусна да биди само негова...
 
- Кокошкиното месо измиено ставете во тенџере, осолете, залијте со вода, додадете морковот, корените од целер и магданос. Оставете да се на тивко вари.
- Посебно ги вариме бамјите во вода во која ставаме исцеден сок од половина лимон или со неколку кришки исечен лимон. Да се сварат, исцедете ги.
- Сварете го оризот посебно, исцедете го и измијте со ладна вода за да не ви се залепи.
- Кога е сварено месото, извадете го, искостете го, искинете месото. Морковот, корените од целерот и магданосот исецкајте ги.. вратете повторно во тенџерето. Додадете и бамјите и нека провре околу 5 мин.
Додадете сега и веке сварениот ориз.
- Во тавче запржете го брашното, додајте во чорбата. Нека продолжи да врие околу 5-6 мин. Тргнете од огнот.
- Киселата павлака заедно со жолчките и исцеден лимонов сок разматете ги, со црпалка земете од топлата чорба и додадете во садот кај сматената павлака, разбркајте, додадете ја сега целата количина во чорбата. Додадете сецкан магданос и мелен црн пипер во целата чорба или при сервирањето... кој како сака

Бамјата претставува деликатесен производ, со специфичен изглед и вкус, од кого се подготвуваат ориентални јадења. Богата е со калиум, железо, калциум и растителни влакна, кои ја поттикнуваат работата на цревата.
Велат дека бамјата е еден од најубедливите афродизијаци што мајката природа го има понудено во својата раскошна ризница на корисни растенија. Бамјата, чие име на турски јазик значи билка, има специфичен вкус кој не може да го замени ниту едно друго растение.

Забелешка
- доколку имате суви бамји, одвечер попарете ги со врела вода и нека одстојат до наредниот ден кога ќе ја спремате оваа чорба, понатаму како што е во рецептот...
Оваа чорба е доволно густа, јака - истовремено лесна за желудникот.
- Количината на оризот прилагодете си ја сами, ако сметате дека е многу, намалете ја количината.
- Можете да ја замените киселата павлака со кисело млеко, павлака за готвење па дури и со слатка павлака.
- Брашното најчесто го пржам на зејтин,
- Исто така може да се спрема со телешко, јарешко, денес јас ја спремив со домашно петле.. м.м.м. - вкусотија!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани