Кога може торта со сирење (чискејк), зошто не и штрудла... и кога веќе е сезона на едно од најубавите овошја, еве еден убав предлог за брз пролетен десерт со јагоди, со прекрасен и освежителен вкус кој раскошно го нуди сирењето.
1. Лиснатото тесто може да се купи, а може и да се подготви дома.
2. Јас имам навика претходно да го подготвам и да го замрзнам за залиха. Инаку, го користам рецептот за совршено лиснато тесто без маргарин, кој се наоѓа токму на овој сајт.
3. Ако купувате смрзнато лиснато тесто, почекајте го убаво да одмрзне пред да работите.
4. Расукајте го убаво на набрашнета работна површина.
5. Крем сирењето изматете го со ванилата и шеќерот во прав. Употребете шеќер според ваш вкус.
6. Кремот премачкајте го во средината на тестото (како на фотките).
7. Врз него наредете ги јагодите (или друго свежо овошје по ваша желба) цели или сецкани.
8. Исечете го од по страните како на дополнителната фотографија.
9. Исплетете ги убаво исечените делови и завиткајте го од по краевите со тоа што најмногу внимавајте да нема од каде да истече филот.
10. Премачкајте ја штрудлата со малку жолчка, и печете ја во загреана рерна на 180 степени, околу 20 минути, во зависност од вашата рерна. Треба убаво да порумени.
11. По желба наросете ја изладената штрудла со шеќер во прав или подгответе си глазура, па прелијте со чоколадо.
12. Пред послужување, обавезно оставете ја штрудлата покриена со крпа добро да се излади.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови