На рецептов случајно наидов пред кратко време и бидејќи нашата Кате тука има поставено сличен рецепт кој многу ми се допадна и ветив дека ќе го пробам, не се двоумев ни најмалку за да го подготвам јадењево.
Шакшука е традиционално израелско јадење или поточно традиционален појадок.
Јас го подготвив како ручек, таман погоден за вреливе денови. Топло ви препорачувам да го подготвите и пробате јадењево.

Кромидот исечкајте го на прстени, лукот на тенки кришки.
Во тава за пржење бр.28 ставете малку масло (2-3 лажици) да се загрее. Ставете го кромидот и пржете додека да омекни. Додадете лукот и кога ќе замириса, ставете ги исечканите домати. Пржете околу 15 минути или додека доматите убаво да омекнат, но гледајте да останат парченца низ низ нив. Посолете, побиберете и додадете ги зачините. Ставете го и спанаќот, пропржете колку 1-2 минути. Со помош на лажица направете вдлабнатини во сосот и во секоја вдлабнатина скршете по едно јајце. Поклопете го тавчето со капак и оставете 4-6 минути на средна температура да се испржат јајцата.
Тргнете на страна и наросете со сечкан магдонос или коријандер.

Напомена
Ако користите смрзнат спанаќ, тогаш претходно одмрзнете го.
Ако користите домати од конзрва, пржете ги додека испари скоро целата течност.
Доколку не јадете луто, чилито заменете го со благ буковец или блага мелена црвена пипер.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани