По групите на ФБ ова суфле стана многу актуелно и поттикна голем интерес, при што многу домаќинки го испробаа, а реално, уште кога ќе се види начинот и составот на рецептот секој кој е љубител на чоколадо ќе посака барем еднаш да го проба. Инаку, рецептот потекнува исто така од социјалните мрежи, од оние за кулинарство што споделуваат свои видеа, а ова е од една таква турска.
Брзо се спрема, не треба рерна, чоколадно е, се јади веднаш и е многу вкусно.

Со миксер се мати јајцето со шеќерот додека се растопи. Потоа се намалува брзината и се додава ванилата, течните состојки и на крај сувите.

Смесата се истура во плитки и широки шолјички. Можат да послужат оние за кафе, дури и стаклени како оние чинивчиња за апетисани. Зависно од големината, но сепак стандардно отприлика требаат 4. Јас предхнодно ги намастив иако не беше наведено. Се полнат до половина и одозгора на секое се втиснуваат по две коцки чоколадо. Изборот на чоколадо е по волја. Можи да е млечно или од она за готвење. Овој пат го прававев со она за готвење, но следниот пат, а многу скоро обавезно ќе го направам со млечно со лешници.

Во меѓувреме во тенџере ставете вода да зоврие. Во зовриената вода ставете ги шолјите. висината на водата треба да е 1 прст од нивната висина, а јачината на ринглата умерена, да врие смирено. Откако ќе се стават шолјите се затвора со капак и се вари 15-20 минути.

Суфлето најубаво е да се служи веднаш, уште топло, бидејќи покасно чоколадото повторно ќе се стврдни. На секому по едно лажиче и уживајте во топлото чоколадно задоволство. Пред служење, по желба можи да го наросите одозгора со шеќер во прав.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови