Оваа прекрасна чоколадна торта ја посветувам на моја многу драга личност, тетка Цана. Она е моја инспирација за многу рецепти, но и голем советник кога станува збор за торти и колачи!
Оваа прекрасна чоколадна торта таа ја имаше подготвено за Нова Година и мене многу ми се допадна. Затоа се решив да ја подготвам и да уживам во чоколадниот вкус!

1. Загрејте ја рерната на 180 степени. За тоа време подгответе го тестото.
2. Во еден сад измешајте ги сувите состојки.
3. Во друг сад изматете ги рачно јајцата, додадете масло и јогурт, убаво изматете со маталка и со оваа смеса прелијте врз сувите состојки. Сето тоа убаво измешајте го.
4. Подгответе топло кафе. Може ако сакате турско или филтер, но јас дома користам инстант и затоа го ставив овој тип на кафе.
Промешајте ја повторно смесата. Ќе добиете течна смеса како за палачинки. Таква и треба да биде, не сте погрешиле.
5. Смесата поделете ја на 3 еднакви дела. Во сад за печење бр.26 обложен со хартија за печење, разлијте 1/3 од смесата.
6. Се пече на 180 степени, околу 7-10 мин. Повторете ја постапката и за другите две теста.
7. Додека се печат тестата, подгответе го чоколадниот ганаж. Слатката павлака се загрева, но не до вриење, туку да се стопли. Чоколадото искршено на што е можно помали делови, се става во еден длабок сад и се прелева со топлата слатка павлака. Сетоа тоа убаво се меша, додека да се спои. Се остава убаво да се излади.
8. Шлаг кремот од чоколадо се мати со вода. Ќе добиете густа крем смеса. Во неа се додава лажица по лажица од павлаката. На крај од матењето ќе добиете убав густ крем.
9. Во кремот повторно лажица по лажица се додава убаво изладениот ганаж. Сето тоа се мати и ќе добиете прекрасен чоколаден мус крем.
10. Редење на тортата
- Во калап бр.26. обложен со фолија, се става првата кора.
- Се прелева половина од чоколадниот мус крем.
- Се става втората кора и нежно се притиска, за убаво да се изедначат површините.
- Одозгора се прелева и остатокот од мус кремот и се израмнува.
- На крај се завршува тортата со последната кора. Повторно убаво притискаме и ги рамниме површините.
- Тортата се остава да се лади.
11. Глазурата се подготвува така што се меша шлаг кремот со малце вода, се добива густ крем. Во него се додаваат чоколадните парченца и се става на тивко да се стопли и се да се врзе убаво.
Мал дел од глазурата ја ставаме во кесичка и по краевите на тортата пополека разлеваме надоле чоколадо. Остатокот од глазурата ја ставаме на средина пополека и чекаме сама да се разлее и изедначи по површината. Ќе добиете огледало глазура.
12. Декорацијата ја завршив со екстра чоколадни пудинг бомбици, половина од нив валкани во какао. Во средина наросив малце крцкави топчиња.

Оваа прекрасна чоколадна торта е вистинско уживање на сите сетила!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови