Прекрасна чоколадна торта која е одомаќинета кај нас веќе долги години.
Виновникот (во наводници) за оваа вкусотија е наша драга роднина Тања, на која многу и сум благодарна. :)
Со текот на времето си направив измени на основниот рецепт и ја правам, токму вака, како што денес ќе ви ја опишам.
А, поводот за тортава беше роденденот на нашата втора радост. :)

Најнапред го приготвуваме преливот. Од него одат 4 лажици за во кората, а целосно го искористив за полевање одозгора при декорацијата.
Во млекото се раствораат какаото и шеќерот, па се додава маргаринот и се става на тивок оган. Со постојано мешање се вари. Кога убаво е втечнато се додава чоколадото и се вари се додека убаво се згусти на тивок оган без да зоврие. Се остава да се излади.

За кората се матат белките со солцата и шеќерот, па се додаваат останатите состојки. На крај, нежно, со шпатула се вмешуваат 4 лажици од преливот.
Се печи во загреана рерна на 200 степени за време од 20 минути.
Малку нека подизлади и се полева со лажица по цела површина од чоколадното млеко. Ладна се сечи на три ленти.

Филот го подготвувам на следниов начин.
Млекото го зовривам со шеќерот со постојано мешање за убаво да се растопи истиот. Го тргам на страна и го додавам чоколадото и тоа мешајќи го за да се растопи целосно.
10- те жолчки се матат, па им се додава 50мл. млеко, 2 -те лажици, убаво полни со брашно и какаото. Се убаво се миксира, да се добие еднолична смеса.
Во жешкото млеко се додава оваа смеса, убаво се изедначува и се става да се вари на оган, додека убаво се згусти. Прво го ставам на умерен оган ( на 5 ка од 9) и штом дојде до точка на вриење намалувам на тивко (на 2 ка) и варам околу 10 мин. со постојано мешање, цело време внимавајќи да не загори. Користам тенџере со дупло дно. Се остава да се излади.
Ладниот крем се додава, лажица по лажица, во претходно изматениот маргарин.
Се убаво се миксира, до еднолична смеса.

Додека го подготвуваме филот, вишните ги ставаме да ни се цедат.

Финална постапка
Кора-фил-вишни
кора-фил-вишни
кора-фил

Целосно се премачкува со изматена слатка павлака, се полева со преливот и се украсува по желба.)))

*Доколку сакате филот да не биде многу темен, користете обично какао.
*А, доколку ви дојди премногу густа смесата со жолчките, брашното и какаото, додадете уште 50 мл. млеко, значи мора да биде течна смеата, за при варењето после не се формираат грутчиња.за сметка на ова, ќе треба да се зголеми и на маргарин за уште околу 60 -на грама.
*Преливот пред полевањето над тортата, ставете го над пареа, да се омекни, опушти.

Уживајте!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани