Чоколадно, слатко, вкусно, кремасто задоволство е оваа торта, која не одзема многу време за подготовка, а финалниот резултат претставува вистинско уживање и воодушевување. Ги сакам ваквите торти кои не се сложени за подготовка, кои прекрасно изгледаат и кои измамуваат насмевка и засит за благо кај моите ближни.
Ви ја претставувам па повелете и вие израдувајте некого.

Со ваква подготовка се печат сите три теста.
Белката ја матиме до убава цврста пена. Жолчката ја матиме заедно со шеќерот, па ги додаваме сувите состојки кои сме ги промешале. На крајот на оваа смеса ја додаваме белката. Истураме во калап на хартија за печење кој ми е со дијаметар 22 см. Печеме 10 минути во загреана рерна на 180 степени. Додека се пече едното тесто го матиме следното. Така со сите три теста.
Додека се ладат тестата го подготвуваме преливот и кремата.

За белиот прелив ја загреваме слатката павлака до вриење и во неа ја ставаме белата чоколада, мешаме додека да се растопи, а на крај го ставаме и путерот па мешаме да се хомогенизира смесата. Ја ладиме онолку колку што е потребно фино да се размачка на сите теста. Не да биде течна, туку да има бела убава боја и да биде во полу цврста состојба, значи да може да се распореди на тестото.

За чоколадниот крем ја ставаме павлаката (200 мл) да се загрее до точка на вриење, па го додаваме чоколадото искршено на коцки. Мешаме до соединување, па го додаваме путерот и повторно мешаме. Ја ладиме кремата. Таа треба да биде изладена, ама да не биде премногу цврста. Ја матиме слатката павлака (300 мл), па на крајот го додаваме какаото. Не матиме премногу, ниту пак слатката павлака ја матиме до потполно зацврстување. Оваа смеса ја матиме лесно со чоколадната смеса и ова ни е чоколадниот крем. Него го делиме на две половини. Редењето на кремите оди вака
Распоредете ги тестата, ставете на секое 1/3 од белиот крем. На првото тесто со бел крем ставете ½ од чоколадниот крем, ставете го врз него второто тесто со бел крем, врз него ставате ја втората половина од чоколадниот крем (оставете малку од кремот за околу тортата, не врз тортата). Украсете со листови бадеми.

Забелешка
Пред да почнеме да ги матиме тестата ја вклучуваме рерната да ни се загрее.
Внимавајте околу ладењето на белиот фил. Тестото е ровко и тој не треба да биде премногу течен ниту премногу цврст за да не може да го размачкаме врз тестото.
Слатката павлака кога ќе ја матиме исто не треба да претераме во матењето за да не ни излезе маснотијата од неа, а и да не биде премногу цврста кога ќе ја соединуваме со чоколадната смеса
Овие чекори не ви ги пишувам за да ве заплашам, само да ви посочам за можните грешки кои може да се направат, дека треба да се внимава. Инаку тортата е многу лесна за подготовка и финалниот резултат вистински воодушевува.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани