Епа драги мои по четири ипол години среќна сум што дојдов до уште еден јубилеј.
Секој рецепт што стои тука го подготвував со многу љубов.
Тоа е главниот зачин, нели?
Со готвењето сме во голема љубов благодарение на мојата мајка која допринесе многу, ме научи на многу работи во кујната и сеуште ме учи.
Бескрајно сум ти благодарна мајко.
А после неа тука сте сите вие драги мои. Од секоја од вас имам научено по нешто, а и уште ќе се учи.
Мои рецепти, благодарам и на вас што го создадовте сајтов и ни овозможивте секојдневно да другаруваме и споделуваме се она што се крчка во нашите кујни.
Се надевам на долгогодишна дружба, досега за мене виртуелна, ама се надевам во иднина ќе бидам и јас дел од некоја заедничка собиранка.

За одбележување на овој јубилеј решив тоа да биде нешто несекојдневно и интересно.
Случајно наидов на рецептот и веднаш го селектирав како јубилеен.
Се надевам ќе ви се допадне.

Во касерола ставете го млекото, шеќерот и кората од лимон исечена на крупни парчиња.
Откако млекото ќе почне да зоврива извадете ја кората од лимон и додајте го кус кусот.
Измешајте и тргнете од оган.
Оставете кус кусот да го впие млекото, а потоа префрлете го во поголем сад и промешајте со вилушка.
Откако ќе биде скоро оладен додајте го растопениот путер и жолчките.
Измешајте.

Чоколадото растопете го на пареа и додадете го во садот со кус кус.
Измешајте убаво.

Белките изматете ги во цврст снег и додајте ги во садот.
Мешајте внимателно во правец одоздола према горе.

Амаретите ситно искршете ги и нив додајте ги во садот со кус кус.
Измешајте.

Основа
Бисквитите сомелете ги и измешајте ги со растопениот и оладен путер.
Распоредете ги во округол калап.
Одозгора нанесете ја смесата со кус кус и убаво израмнете.

Печете на 170 степени, 40-45 минути.

Испечениот колач оставете го да се олади, а потоа декорирајте по желба.
Јас не сакав многу да го шлакам, некако убава ми се виде коричката, со убава зрнеста структура од самиот кус кус, и затоа само малку нанесов чоколаден прелив и кандирани цреши.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани