Овој рецепт е повеќе како идеја, отколку начин како да приготвите некој вид на слатководна риба што вообичаено ја нема редовно на менито, па кога ќе се сретнеме со неа најчесто не знаеме точно што да и правиме.

Рибите убаво се чистат од лушпите и внатрешноста. Убаво се посолуваат и се оставаат вишокот вода да се исцеди од нив. Најдобро е да се стават во некоја решетка или пак во тепсија, но со стомаците свртени кон доле. Следно, се редат врз кујнска хартија и убаво се бришат, за да се собере што може повеќе од влагата.
Во брашното се става мешан зачин и црн пипер и убаво се промешува. Секоја риба поединечно ја валкаме во брашното, обилно и не го тресеме вишокот.
Рибите се пржат во добро загреана грил тава со повеќе зејтин. Откако убаво ќе се вцрват ги тргаме на страна, не ги цедиме на кујнска хартија, туку само им се попрскува поголема количина на лимонов сок. Не штедете!

Кус-кусот се става во подлабок сад и се потопува со врела вода. Садот се покрива со капак и се остава да набабри. Кога ќе биде готов го посолуваме по вкус и му додаваме бело балсамико и маслиново масло. Доколку не постите најдобро е да се стави путер.

Вака приготвениот кус-кус се распоредува во еден овал и врз него се редат испржените риби.
Декорацијата е според желба.

Просто, едноставно, без многу работа, а кога ќе го изнесете јадењето пред домашните или гостите остава драматичен ефект, како цел ден да сте го поминале во кујна.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор-Сподели под исти услови